Горното течение на реката Радика – Природа која дава душа
Трница – После ова го заслуживте првиот одмор со кафе пауза во Трница, местото каде најблиску ќе ја почувствувате здивот на двете планини, Кораб пред вас и Бистра позади вас.
Свети Јован Бигорски – И додека се воодушевувате со непокорниот планински дел покрај реката Радика, ќе стигнете до монументалниот манастир, сведоштво на вековното постоење на Река, а тоа е манастирот св. Јован Бигорски. Времето поминато во него не се мери со мерни единици, туку со чувства што ќе ви ги пробуди недопирливиот шум на водата од чешмите што блика, и огромното културно и верско наследство што го поседува.
Селата под Крчин – Кога ќе го продолжите патувањето на околу два километри ќе го поминете мостот и пред да продолжите кон горното течение на реката Радика свртете десно и упатете се кон селата во кои небото е најблиску до луѓето. Посетете ги селото Ростуше и неговиот далеку познат водопад Дуф, појдете преку селата Велебрдо и Требиште до планинското езеро Локуф или свртете кон височините до селото Битуше и неговата бескрајна природна убавина, сместена во подножјето на највисокиот врв на планината Кораб – Крчин.
Од секое делче на природата вдишете по еден дел, ќе остане долго како енергија во вас и пред вас од левата страна на патот ,скриен ,но видлив се наоѓа Манастирот Св. Ѓорѓија во село Рајчица –Одморете се со убавиот поглед, слаткиот локум и љубезното кафе што ќе ви го понудат жителите на овој верски објект, величествен Божји храм.
Дебарско езеро – И откако зад себе ќе го оставите течението на реката Радика и поминете градот Дебар, уште едно совршено место на природата а тоа е Дебарското езеро. Застанете и пред да продолжите кон откривањето на другите убавини на овој крај се до бреговите на Охридското езеро и планината Јабланица, уживајте во боите кои се величествени во секој дел од годината и поминуваат од бели и светло сини до темно кафени и чудесно портокалови во доцна есен. Репортажата ја забележа Татјана Гогоска Сите фотографии се од архивата на авторот