Со голем концерт на “Распеани Валандовчани”, кој својот годишен концерт му го посветуваат на Јанко Узунов, со настап на Жаклина Узунова и Александра Станкоска од школото “Узун”, во петок на 19 ноември во салата што го носи неговото име во Домот на културата “25 мај во Валандово” , ќе се чествува делото на големиот музички деец Јанко Узунов – Узун (Валандово, 15 февруари 1951 – Берово, 24 август 2014), некогаш голема музичка ѕвезда, врвен гитарист, автор и музички педагог.
Човек од кого извираше музика и само музика. Човек од кого извираше трпение и убав збор.
За него на концертот ќе зборуваат музичарите Ванчо Тарабунов и Горан Алачки, радио водителот Никола Фириев, и новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго.
-Јас сум од Валандово, а мојата фамилија потекнува од Богданци, од Струмица. Роден сум во 1951 година, во Валандово. Во 1969 година дојдов на студии во Скопје, се запишав на земјоделско- шумарски факултет и завршив, а потоа се запишав и на Музичка Академија, наставно-теоретски одел, и тоа го завршив. Како агроном работев пет-шест години. Музиката ме влечеше посилно. Со музика почнав да се занимавам од дете, најпрво свирев мадолина, па после гитара. На деветгодишна возраст почнал да свирам мандолина во музичка секција на учишлиште. Неколку години подоцна сестра ми од Скопје ми донесе ученичка гитара и оттогаш се сменив. Од едно улично валандовско апашко дете, штом ја фатив гитарата в раце, веќе станав друго дете и многу брзо напреднував како гитарист. Учев сам, а ги потпрашував и луѓето што знаеја по малку да ми покажат. Во 1966 година ја оформив рок групата „Златни стени“ од Валандово, која молскавично брзо стекна популарност, и тоа на републичко ниво. Настапувавме на тогашните актуелни гитаријади, тоа време тие беа мошне интересни манифестации на рокерите. Победивме на три такви гитаријади и весниците пишуваа за нас. И во Прилеп, и во Охрид каде мојата група зеде прва награда, но и во Скопје, каде исто така освоивме висока награда. На Гитаријадата 1969 во Гевгелија јас бев прогласен за гитарист и ми беше доделена електрична гитара од списанието „Млад борец“, раскажуваше своевремено.
Во 1971 година се јавил на аудиција во Радио Скопје како забавен пејач и прва снимка што ја направил била песната “Магдалена“ од авторот Димитар Масевски. Таа песна станала многу славна со неговото пееење, бидејќи еднаш веќе беше снимена со гласот на Вице Вуков, но била забранета, бидејќи него националистички го отстранија. И така почнала неговата кариера, а процветот го доживеал со Скопските фестивали, каде првпат настапил во 1972 година. Бил на врвот на забавната музика во Македонија. Се до згаснувањето на стариот „Скопски фествал“ пеел редовно, пеел соло но и во дует со Цветанка Ласкова, со „Детелинки“, со Марина Пухариќ.
Легендарната песна „Момчето со мандолина“ ја отпеал со Цветанка , на фестивалот „Опатија 1976“. Автори се композиторот Славе Димитров и текстописецот Ѓоко Георгиев. Песната била речиси готов фаворит да победи на фестивалот, а победникот одел на Евровизија. На дневното гласање била победничка песна, вечерта нешто смениле, гласале сите ТВ центри од тогашна Југославија и направиле местенка за друг да победи.
Во 1971 кога се јавил во Радио Скопје да сними забавни песни, ги снимил и првите народни песни за Гоце Делчев, „ Делчев војвода“, „Јанка низ Гора врвеше“, „Стари дедо овци пасе“, се пробил и со патриотските песни. Во 1980-та година отишол на турнеја во Австралија. Од 1980-до 1993 година направил 14 турнеи во Австралија, зел и награда на фестивалот „Камбера фест“. Станал фаворит на македонската австралиска публика. Прво одел со Виолета Томовска, Кочо Петровски, Јонче Христовски, Васка Илиева, потоа зазел една доминација таму како еден нов пејач и станал многу славен. Имал дури настапувано и во Сиднеј и во Мелбурн по стари концертни театарски- оперски сали со балкони, со по пет илјади гледачи Македонци.
Во средината на осумдесеттите години во Македонија почна и фестивалот „Макфест“ , таму настапил со својата група “Узун”, со песната „Идам да те видам“. Настапувал и на Валандовските фестивали првите 5-6 години и ги освојувал високите награди, па на „Гоце фест“ од 1992 година, и секако освојувал награди.
Во деведесеттите ја оформи и групата „Вардарски петли“ која настапи на валандовскиот фестивал со песнста „Чаки Панкерот“, првата хумористична песна испеана во Валандово. Ја оформил и женска вокална група „Сирма“, а во 1994 година и својата група „Узун“ . И предложил на сопругата Жаклина да отворат свое училиште, и таа програма на модерна гитара наиде на голем интерес. Првата година запишале 110 ученици, вежбале во една просторија во уличиштето „Гоце Делчев“, и во домашното студио. Потоа еднаш неделно во Домот на армијата одржувале групна настава за гитара, а другите денови во своето студио индивидуална настава.
– Во викендите снимаме нешто што ни треба, мене и на Жаки. Ете, со тоа се занимаваме, тоа е нашиот живот. И мојот син Кирил, е многу музикален, а одбра друга професија-тој е образован режисер, раскажуваше маестрото.
Се бројат околу 500 негови нумери, што како автор, што како изведувач. Само во Радио Скопје го има на околу 300 музички дела. Има снимено многу материјал и за продукциски куќи во Југославија. И првата песна што на училишна приредба ја испеал Тоше Проески “Наставничке пријателке” е во авторство на Узунов.
Јубилејни концерти правеше на секои пет години, последно направи во 2010 во Дом на АРМ, славеше 45 години кариера. Издаде 15 разни компилации, само со најдобрите песни досега. Сите цедиња беа различни- со забавни хитови, со народни, етно поп, стари патриотски песни, дуети, поп рок за гитара, амбиентална музика, композиции за самостојна гитара, македонски поп евергрини.
-Гала концерт ќе направам и за мојот златен јубилеј- 50 години песна, беше убеден, но за жал не дочека.
Неговата сопруга ја продолжи неговата дејност и секоја година го организираше и традиционалниот хуманитарен годишен концерт во “Даре Џамбаз”.
“Уни бенд” од Валандово имаат песна посветена на Узунов. Валандовчани пак му посветија сала со негово име во Домот на културата, а “Распеани Вачандовчани” ќе му посветат концерт на маестро Јанко Узунов.
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.