Скопје, 20.01.2024
Со пријатно џез- матине Скопскиот џез фестивал, вчера, ги промовираше новите календари за 2024 година, традиционален настан кој еднаш годишно ги спојува сите љубители и посетители на СЏФ. Календарите содржат фотографии од 42. Скопски џез фестивал, овековечени низ објективот на брилијантниот словенечки фотограф Жига Коритник.
Концертeн настап имаа Тони Китановски Трио.
(Тони Китановски- гитара, Виктор Филиповски -тапани, Гоце Трпков- диџеј).
Новиот проект на Тони Китановски „Afro Gitano“ содржи елементи на електро- акустична, џез и импровизирана музика. Тематски е своевидна симбиоза на музиката на македонските роми и големата музичка култура на Африка, особено оној дел кој поради преселбите или колективната музичка потсвест е најблиску до музиката на Балканот. Гоце Трпков е електронски музичар, ди- џеј и продуцент кој снимените аудио материјали ги процесира на свој специфичен начин, креирајќи идеална подлога за тапаните на Виктор Филиповски и гитарската изведба на Тони Китановски, која е, главно, импровизирана. Снимањето на овој нов авторски проект на Китановски се одвиваше на три континенти: во студијата на Киншаса, Торонто, Кан, Виена, Скопје и Калабрија, а фестивалската премиера беше изведена во Копенхаген.
Скопскиот џез фестивал, традиционално во јануари, ги претставува календарите за 2024 година, последниве години со џез-матине во Макка бар.