Сабота, 12 октомври, 20:00 во АудиоКултура
Во пресрет на 43. Скопски џез фестивал (17-20 октомври), се организира слушачка промоција на новото (52) ЦД-издание на SJF Records, албумот „Ruh“ на групата Next to Silence.
Вториот студиски проект на NEXT TO SILENCE (Кирил Кузманов – саксофон, Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас гитара и Гоце Наумов – тапани) е сочинет од 5 нови композиции во кои тие вешто ја испреплетуваат духовноста и сарказмот, беседат за она што е далеку од нивната тактилност, но длабоко вкоренето во нивното осмислување на светот. Доследни на традицијата да се повикуваат на поими кои имаат пластови од всадени значења, тие звучно го илустрираат она што зборовите само површно го допираат. Со својата музика посегнуваат по мноштво природни феномени, древни вештини, загадочни адети, отелотворени претстави или завиени досетки, а кои добиваат сосема ново постоење и смисла во нивните композиции.
Композициите се снимени и миксани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Како продуценти се потпишани Next to Silence и Ивица Јанкуловски. Дизајнот на омотот е дело на Ника Гавровска. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
Покрај физичкото компакт-диск издание, „Ruh“ ќе биде достапен и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси: Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…
Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 43. Скопски џез фестивал, претставува воедно и најава на концертот на Next to Silence во рамките на фестивалската програма (четврток, 17 октомври, МКЦ, 23:00), на којшто премиерно ќе биде изведен во живо новиот материјал на групата.