По повод концертот на 9 декември, со почеток од 20 часот, во салата на Националната опера и балет, што ќе го одржи ЗЏМ Биг Бендот насловен “ЗЏМ свири Леб и сол”, поканети се сите членови на славната македонска група. Организаторот верува дека ќе ги види во првите редови, со исклучок на Влатко кој таа вечер има концерт во Белград.
На целовечерниот концерт кој се очекува со нетрпение, ќе бидат изведени дел од композициите на легендарните “Леб и сол”, кои имаат допирни точки со џез жанрот, со аранжмани адаптирани за биг бенд изведба, од Џијан Емин, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Сашко Николовски, а ќе настапи и извонредната пејачка Евгенија Чанчаловска.
“Леб и сол” е бенд чија работа претставува фундаментален и незаменлив дел од македонската музичка историја. Овој музички состав настанува на 01.01.1976 по што следи долгогодишно испишување на една од најимпресивните музички кариери на овие балкански простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја. Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитијан ја сочинуваат стандардната постава на “Леб и сол,” иако во текот на годините во оваа група членувале и други значителни музички имиња меѓу кои Димитар Чочоровски- Чочор, Драгиша Солдатовиќ- Лабиш, Миодраг Петковски-Мики, Драгољуб Ѓуричиќ, Кирил Џајковски, Валентино Скендеровски, Димитар Божиков, Срѓан Дункиќ, Гоце Стевковски, Михаил Парушев, кои придонеле за развивање на уникатниот звук и негувањето на вистинските музички вредности.
Билетите може да се набават online на https://mktickets.mk/ .
Поканети сите членови од славната група, на концертот “ЗЏМ свири Леб и сол”
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.