Омаж на маестро Александар Џамбазов: Ѕвезден музички прав ја посипа салата

Скопје, 4 ноември, 2022

Како да беше вчера, а поминаа шест години, беше вчера а како да ќе трае вечно!
Времето лета, нѐ делат шест години од заедничкиот кадифено-мек и топол концерт на маестро Александар Џамбазов со неговиот син Игор Џамбазов и врвни музичари во Домот на Армијата, а вчеравечер, во негово физичко отсуство но силно духовно присуство, ги слушавме неговите дела изведени од Оркестарот на Филхармонија
„Омаж на маестро Александар Џамбазов”, а во рамки на 45. издание на фестивалот „Денови на македонска музика”.
Волшебните ноти негови, беа поздрав од Него до нас, и од нас до Него!
Не сакам да поверувам дека што поскоро нема пак да има концерт со генијалната музика на Маестрото, и, најпрво, мора да се честита на организаторот за умешноста и храброста да одбере само неколку дела од “морето” композиции на големиот македонски композитор и диригент, кој твореше неповторлива музика, инструментална, класика, забавна, мелодии, шлагери, детски песни…
Изборот не е лесен, но овој пат падна неговиот симфониски опус – „Седумте танцови варијации” со Елена Атанасовска- Ивановска како солист на пијано, „Рапсодија за Скопје” со Иво Настевски како солист на пијано, дела напишани за ревиски оркестар – „Реминисценија”, „Балада за Шпато”, како и избор од многубројните песни за вокал и ревиски оркестар, меѓу кои се неповторливите “Охрид и јас” (“Тереза Кесовија)- Антониа Гиговска , “О љубов неверна” (Зафир Хаџиманов) Александар Тарабунов, “Само ти” (Зоран Милосавлевиќ) Никола Перевски-Пере и „Довидување” некогаш испеана од Јосипа Лисац, а сега од Наде Талевска наместо најавената Тамара Тодевска (која деновиве боледува од ангина), и инструменталната верзија на “Брала мома капини” во негов аранжман, изведена два пати, со која и заврши концертот, под диригентската палка на Џијан Емин.
Овој концерт на оркестарот на Филхармонија, СОКОМ и Концертот е хуманитарен, а парите од билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија „Баланс-Мк”.

***
Творештвото на Александар Џамбазов (1936-2022 е од навистина непроценлива важност не само за нас, и за целокупната светска музичка уметност.
Тој се школувал во Скопје и во Белград, а природната дарба му овозможи да остави голем број мелодии и евергрини. Во првите петнаесетина години од постоењето на „Златно славејче”, неговиот огромен авторски придонес овозможи фестивалот да прерасне во еден од најважните фактори во музичкото воспитување и образование на најмладите.
Во сферата на класичната музика напиша маркантни композиции, а со неговата „Рапсодија за Скопје” за пијано и симфониски оркестар го добива највисокото признание на меѓународниот фестивал во Кава де Тирени – Италија.
Ова е накусо потсетување или запознавање со неговите дела, во приликата за овој концерт, но има многу-плодниот композитор остави магично музичко богатство.

***
Неговиот син Игор на сцена синоќа се појави за да потсети дека овој пат нема да го жалиме ами ќе го славиме Маестрото, а се извина што одбил да пее со Филхармонија, го оставил тоа за “следниот живот”.
Во неговата книга “Тоа сум јас” Игор има и расказ кој го раскажа на сцена- Ацо Џамбазов прво бил познат како сопруг на Анче Џамбазова, па како зет на Петре Прличко, па како татко на Игор и Тања, “Па кој сум тогаш јас?”, прашал во некоја пригода. Игор му одговорил: “Ти си Маестро, Маестро мој!”
Сподели и бројни анегдоти за својот спонтан татко, кој со своето духовито расположение секогаш бил подготвен да ги насмее другите околу себе, потсетувал на Џим Кери уште пред тој да се појави на филмското платно, но не само расказ можел и роман да напише. Па што чекаш Игоре? Ние чекаме. И, тоа, што побрзо.
Го нарече својот славен татко “апсолутен слухист”, објаснувајќи дека тоа е човек што се раѓал еднаш на сто години. Ќе додадеме- ваков комплетен Маестро, никогаш повеќе, еднаш и за сите времиња. За среќа неговата волшебно нежна како самиот Тој музика, засекогаш ќе е (и) наша !
А во холот, на заминување се слушнаа и песни од “Златно славејче”, испеани од, најверојатно, грлата на негови поранешни славејчиња … “Скопје радост ти ќе бидеш”…

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фотографии позајмени од фан страницата на Игор Џамбазов, фотограф Вангел Тануровски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.