Празник пред празник за рокерите беше концертот на култната македонска рок група “Мизар”, синоќа во Младински културен центар, која донесе ново изненадување и вистинско освежување на целосната нивна енергија со новиот вокалист, Нико Ѓоргиевски.
Неговите вокални “егзибиции” зад микрофон му вдахнаа нов живот и нова димензија на овој нов “Мизар” што го видовме, иако по сите досегашни вокалисти на оваа група навистина е храброст, предизвик и ризик да бидеш нивна замена, и да ја продолжиш низата подеднакво успешно, но тоа по сѐ изгледа не важеше на Нико.
Оперскиот пејач од Македонска опера и балет, овој пат во улога на рок вокалист на “Мизар” но и перкусионист беше вистинска сензација. Како да ги распукуваше воздухот со тоа што го покажа и прикажа со својот најсилен инструмент “гласот” и совршената техника на неговата вокална интерпретација.
Не помалку атрактивни и другите имиња на бендот, кои настапија синоќа 15 декември 2024, во МКЦ, “сопственикот” на истиот, или помеко кажано основачот на оваа дарквејв група, славниот Горазд Чаповски- гитара, Пеце Китановски- бас, Илија Стојановски- бас-процесор, Александар Ристовски Принц- клавијатури и придружен вокал, Драган Теодосиев- тапани и од “Хармосини” вокали: Сава Булатович, Христијан Моневски (виола, кларинет, флејта, лира).
Оваа годинава беше реиздадено винилното издание на нивниот легендарен истоимен прв албум “Мизар”, од страна на матичниот издавач „Хелидон“, а набрзо следува и реизданието на вториот албум „Svjat dreams 1762-1991“. Групата работи на својот нов албум веќе може да се чуе првата песна од него, „Псалм 135’“, изведена и синоќа.
Со прифатеност која се покажа вечерва кон пејачот и кон обновената екипа, очигледно и новите песни ќе бидат прифатени и омилени како и тие досега, од кои од големиот творечки обем, вечерва ги слушнавме селектирани најдобрите: Гавранот, Псалм 135, Изрод, Blood red sun, Грозомора, Униније, Дождот, Магла, Девојка од бронза, Истекувам, Галеб, Градот е нем, Константинопол, Почесна стрелба, Златно сонце …
Се разбира, одвишно е да се каже дека сите пееја во еден глас, зашто на “Мизар” може во публика да биде само нивни огнен фан и никако некој залутан, кој не ги знае стиховите. Од возрасни до најмлади рокери, пееја сплотени, а за крај во еден глас викаа “Сакаме уште, сакаме уште”…
Со овој концерт започна и нивната интензивна концертна активност, следува Белград, а во 2025 година ќе продолжи со гостувања во регионалните балкански центри.
“Мизар”, јако се држите и уште појако земате нов залет…сега веќе сме сигурни во тоа!
Валентина Ѓоргиевска Парго
Мизар е македонска рок група, основана во 1981 година во Скопје, а првите членови на групата биле: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас гитара) и Панта Џамбазоски (тапани). Името на групата, Мизар, на арапски јазик значи: ѕвезда- водилка која на патниците им помага да не се загубат во пустината.
Мизар во 1988 година биле: Борис Георгиев, Сашо Крстевски, Горан Таневски, Катерина Вељановска, Горазд Чаповски.
Жанрови: Пост- панк, Дарквејв, Готик рок
Период на активност
1983- денес
Издавачи
Helidon
Avalon
Соработници
Падот на Византија
Архангел
Badmingtons
www.mizar.com.mk
Членови
Горазд Чаповски
Пеце Китановски
Зоран Ориѓански
Хор “Хармосини”
Поранешни членови
Панта Џамбазоски
Горан Трајкоски
Ристо Вртев
Борис Георгиев
Катерина Велјановска
Сашо Крстевски
Слободан Стојановски
Горан Таневски
Илија Стојановски
Жарко Серафимовски
Влатко Каевски
Историја
Деби- албумот на групата, насловен едноставно „Мизар“, бил снимен во 1988 година, со тогашните членови на групата: Горан Таневски (вокали), Горазд Чаповски (гитара), Борис Георгиев (тапани), Сашо Крстевски (бас гитара) и Катерина Велјановска (клавијатури). Продуцент на албумот бил Горан Лисица- Фокс. Албумот го донел незаборавниот хит „Девојка од бронза“. Групата снимила многу демоснимки, а некои од нив се мошне различни од студиските верзии, како на пример, пократката верзија за „Градот е нем“ која, за разлика од студиската, е снимена само на македонски јазик.
Во 1991 година, групата го објавила вториот албум „Svjat Dreams“ кој ја донел необичната обработка на „Sweet Dreams“ на Јуритмикс, обработката на народната „1762 лето“ и песната „Дом“ на Ристо Вртев, првиот пејач на Мизар, денес водач на “Архангел”. По снимањето на албумот, групата ја напуштил пејачот Горан Таневски, кој бил заменет од пејачката Нора. Со Нора е снимена и последната песна на Мизар – „The Fog“, која всушност претставува преработка на песната „Магла“, од првиот албум. Кон крајот на 1991 година, групата престанала со работа. Тогаш, Таневски се посветил на организација на концерти, Каевски ја обновил својата група „Cyborg“, a Чаповски заминал во Австралија, каде во 1993 година ја основал групата „Кисмет“.
По објавувањето на неколку албуми, во 1999 година, Чаповски се вратил во Македонија и продолжил да работи со „Кисмет“ и заедно со останатите членови на групата го поттикнале снимањето на дискот „Tribute To Mizar“ (2001) на кој песните на Мизар биле обработени од македонски алтернативни групи, како: Ден потоа, Синијак, Music Makers, Ataraxia, No Name Nation, Мајаковски, Brainless Genius и други. Издавачката куќа Lithium Records, во почетокот на 2003 година, повторно ги објавила првите две плочи на „Мизар“ (како компакт-дискови), кои содржеле и претходно необјавени демо и концертни снимки.
Второ откровение
Во почетокот, групата била повеќе ориентирана кон рок музиката. Но, во 1985 година, на местото на Ристо Вртев, како пејач дошол Горан Таневски, а како клавијатурист Слободан Стојановски. Истата година, групата снимила неколку демо песни и тргнала на југословенска турнеја, заедно со „Laibach“ и „Дисциплина кичме“. Тогаш, групата го променила и стилот, и под името „Мизар-второ откровение“ нудела музика заснована на старословенското пеење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк- рокот.
Трето откровение
Во 2002 година се родила идејата за повторно собирање на групата поради спектакуларно службено збогување. Наскоро, тие се собрале под името „Мизар- трето откровение“, при што во групата се собрале сите музичари кои членувале во неа во различни фази. На почетокот на 2003 година година, „Мизар“ го објавил синглот „Почесна стрелба“, кој во многу кус период ги срушил сите рекорди на популарност. Албумот „Кобна убавина“ бил сниман од јануари до јули 2003 година, во студиото „Тралала“, под продуцентската палка на Горазд Чаповски и Горан Трајкоски, а бил мастериран во љубљанското „Метро“, од страна на Јанез Крижај.
Во летото 2006 година, Горан Трајкоски бил заменат со Горан Таневски. Во ноември истата година, „Мизар“ настапил во Белград и го најавил новиот албум со Таневски како пејач. Албумот „Поглед на цветната година“ бил завршен и објавен во 2007 година.
Четврто откровение
Во 2010 година бил објавен следниот албум на „Мизар“, насловен како „Детето и белото море“. Албумот е составен од 10 теми со мотиви од македонската милениумска звучна традиција, збогатена со старословенско пеење, македонски фолклор, византиска традиција и дарк звук. Албумот бил создаден со нов состав на групата, во кој, од оригиналните членови на групата, свирел само Горазд Чаповски. Инаку, во создавањето на албумот учествувал и македонскиот византиски хор „Хармосини“.
На 6 март 2014 година, групата настапила како предгрупа на концертот на „Симпл мајндс“ (Simple Minds), одржан во салата „Кале“, во Скопје. Исто така, Чаповски го најавил излегувањето на новиот албум, наречен „Шарена крава“, снимен во студиото „До- ре- ми“. Притоа, во новата постава на „Мизар“ биле и Зоран Ориѓански, Пеце Китаноски и Сашо Гигов- Гиш. На овој албум, групата им се вратила на рок корените, ослободувајќи се од македонската традиционална музика и патриотизмот. Како прв сингл од албумот бил издадена песната „Indian summer“, а на песната „Небо“ гостувала пејачката Јана Бурческа, која претходно била дел од шоуто за музички таленти „Македонски идол“.
Петто откровение
На 26. јуни 2015 година излегол документарниот филм „Мизар: Ѕвезда на надежта“, вклучувајќи интервјуа со првите членови на „Мизар“ и разговори за досега непознатиот период на групата: почетоците во 1981 до 1986 година. Пред документарниот филм, се сметало дека групата е основана во 1983 година. До ден-денес, Чаповски остана единствениот постојан член на „Мизар“ од основањето во 1981 година.
Постава:
Горан Трајкоски- вокали
Горазд Чаповски- гитара
Илија Стојановски- бас гитара
Жарко Серафимовски- тапани
Влатко Каевски- клавијатури
Дискографија:
1988- „Мизар“
1991- „Svjat Dreams“
2004- „Кобна убавина“
2007- „Поглед кон цветната градина“
2010- „Детето и Белото море“
2022- „Вечна празнина“
***
“Мизар – ѕвезда на надежта”- документарен филм за Мизар“.