…Предлагам да го завршиме муабетот од претходната колумна, во која на крај ја начнав изјавата на култниот лик, Барт Симпсон дека: “цртаниот филм е единствената изворно американска уметничка форма, а џезот не треба да се брои, затоа што е “без врска”…”, изјава со која американците преку маскотата Симпсон нѝ дадоа до знаење дека се најгорди на двете свои уникатни откритија од современите медиумско- сценско- уметнички доживувања: цртаниот филм и џезот!
И дефинитивно:
-Без цртаниот филм не може светот на помладите, без џезот пак не може светот на (по)возрасните!
Затоа што, џезот, е најуниверзална музичка уметност со најуниверзален клуч и најуниверзален јазик, питом и звучен јазик кој секој го разбира.
Тој, може за секунда да спои и Финец, и Египјанин, и Монголец, и Грк, и Македонец, и Словенец, и Индиец, и кој уште не…и сите да се чувствуваат исто удобно во него, да го доживеат на потполно ист начин. И да го почувствуваат како свој.
Џезот е и музика која виртуозно може да ја изведе не само Американец, туку и еден Французин, и Кинез, и Пакистанец, и кој уште не, ако умее да свири.
Би рекла дека е напати непотребна фама, дека џез слуша само одредена група. Напротив, џез е музика скроена за секого, и сите можат да ја восприемаат, без никаков напор.
Одекнала на почетокот на 20 век најпрво во афроамериканските заедници, во Њу Орлеанс и Чикаго. И за големо чудо, таа станала музика за сите, музика на сите. Музика на Планетата. Музика на народите. Музика на умот. Музика на човековите рецептори. И сетила. Подеднакво.
А, македонскиот народ (или народи, ако повеќе сакате) и џезот одамна се на “Ти”. Одамна се, едно. Од самото негово создавање, речиси.
Шпато!
Извикнав “Шпато!”, и кажано е сѐ. Автор на првата македонска џез- композиција насловена „Тема И“, што ја создал во 1947 година. Понатаму, во сѐ што се создавало во областа на некогаш нашата блескава поп- музика, џезот бил вткаен како неминовен и препознатлив елемент.
Џезот обоил многу македонски евергрини.
Од суштинско значење е и постоењето на фамозниот “Скопски џез фестивал”, кој цело време ја чува аурата на Македонија на “светска” земја, дури и во периодот кога политиката и економијата (односно нејзините полуги) ја руинираат и деградираат како држава. Но “Скопскиот џез фестивал” ја истакнува и исцртува на светската културна мапа, со гостувања на сите најславни музичари, наградувани со Греми и со најголеми светски награди.
Дури и Реј Чарлс дошол тука, меѓу целата таа “орбита од џез легенди” кои за миг ја засјаиле Македонија.
Духот и вредноста на џезот на домашната сцена, последниве години горди ја вратија наши маестрални музичари, тие самоиницијативно решија да направат нешто што доликува. Да го кренат нивото на културата и да го воздигнат до онаму каде припаѓа. И тоа, самопрегорно, осмислено и беспрекорно, шизички. За себе си и за сите генерации. Без да ги поколеба фактот што условите беа повеќе од скромни дури и неблагодарни, а џезот е финансиски најнеисплатлив за изведување. Не е музика на која летаат долари, евра, франци, круни в џеб… Таа е музика која си седи на свој престол и не го менува за ниедни пари. Не е многу заинтересирана за хартиите кои (само) профит значат.
Џезерите, здушно, тивко, ненаметливо, чекор по чекор, создадоа концепт кој итро во свои прегратки ги стави и младите и возрасните. И оние кои дотогаш слушале џез и оние кои оттогаш почнале. Сите на едно место. Со врвни концерти за какви сме сонувале и сме оделе не знам колку километри и милји далеку, за да ги слушаме. Сега ни се тука.
Создавањето на џез оркестарот како институција, пак, неодамна донесе една општонародна радост и големи очекувања. Затоа што Џезерите досега, во само неколку години, постигнаа успеси на ниво на силна институција, на ниво на забревтана машина, иако се само мала група (која расте), а сега, кога се веќе институција, наш успех и обврска ќе биде да ѝм го дадеме местото кое го заслужуваат.
Тешко е да се постигне такво воздигнување, како на џезерите. Многу труд и посветеност бара. А нивната победа сите ја доживееме како своја.
Веќе сфативме дека тие не се случајна, а ни изолирана музичка појава, тие се општествена. И општествено добро. Оттука, и општеството треба да реагира соодветно. Не поединци и индивидуи (напати и со свои неартикулурани и своеволни реакции, мотивирани првенствено од лични цели). Државата! Со своите министерства, механизми, контроли, луѓето задолжени за креирање на долгорочна национална стратегија и позитивен амбиент. Паметно и осмислено!
Оваа добиена битка (која некој друг ја извојувал) не смееме да ја изгубиме.
Оваа приказна (која друг ја почнал) не смееме да ја оставиме без свој правилен тек и убава содржина.
Џезерите воопшто, а особено “Оркестарот џа џез музика” се скапоцен камен во нашата музичка круна. Нека блеска! Не знам колку пати веќе го повторивме ова сите, во ист глас.
Тие направија голем културен подвиг, подвигкој заслужува да биде и овенчан со вистинска награда.
Наградата е: обезбедување на максимални услови за нивно постоење, организација и работа. Непречена работа. Исполнување на нивните барања. Без двоумење.
Изливите на поединци, и/ли групички, нивните перцепции и реагирања, се нешто кое треба да остане настрана од сето тоа. Го сакаме оркестарот целосно функционален, прифатен, удостоен.
Со него, ништо веќе не е исто. Се раѓаат нови хоризонти.
И, ако јас се прашувам во име на основоположникот, неговиот син Мартин кој иако живее и твори во Германија, би го запишала како член на тој оркестар, за така, на некој начин, сеќавањето на Шпато и неговиот аманет дополнително да го одржува оркестарот на висина на задачата. И Васил Хаџиманов би го запишала, не само како џезер, туку како наследник на значајните Зафир и Васил… Исто и споменот на Гоце Димитровски, но ајде и тука да оставам три точки, и за тој маестро и неговото значење ќе напишам повеќе во следна прилика.
Затоа што, она што е убаво и дошло до одредена фаза не паднало од небо, почнало од некого и нешто. Наше е сега само да го насочуваме правилно. И со чисти раце да ја држиме круната во која “Џезерите се најскапоцениот камен”, како што веќе реков…(иако сме начисто и со изјавата на Џорџ Гершвин дека “Животот е најмногу како џезот, најдобро е кога импровизираш”, но импровизации околу поставеноста на џез сцената не може и не смее да има, ни во најмал процент).
Валентина Ѓоргиевска Парго
Новинар и уредник во “КулАрт”