Третата и последна вечер на Оффест 2021, е распродадена од пред два дена, останува вечер задоволството тие што си набавија билет да уживаат во двата концерти, со Пијан славеј од Македонија и Блик Баси од Камерун.
Ова е завршница на 20-тото, фестивал годинава сочинет од три вечери-на првата отворија шпанско португалското дуо Лина и Раул Рефри, а втората вечер ја исполнија пријатната изведба на авант-фолк на словенечкото трио Широм и бразилскиот гитарист и композитор Кико Динучи и неговата специјална гостинка, пејачката Јусара Марсал. А она што освен музиката ја направи втората вечер беше и информацијата на сцена споделена од директорот Оливер Белопета, дека со нивно посредство ( на Скопскиот џез фестивал) македонскиот ЗЏМ Биг бенд оркестарот на 7 ноември настапи на 12. издание на Загреб џез фестивал, со светски познатиот Курт Елинг, и доби бурен аплауз.
Третата и последна вечер на ОФФест, вечерва, кога Градот го слави и својот празник 13 Ноември, ќе ja одбележат концертните настапи на нашиот ПИЈАН СЛАВЕЈ (новата музичка приказна на Бранко од Фолтин) и на реномираниот камерунски гитарист, вокалист, композитор и протестен поет БЛИК БАСИ. Тие вечерва на сцената на Националната опера и балет – местото каде што се одвива целокупната концертна програма на годинешниот ОФФест – ќе ги претстават своите актуелни проекти, ставајќи точка на јубилејното 20. издание на нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот.
ПИЈАН СЛАВЕЈ (попознат како Бранислав Николов) е етаблиран музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Како еден од основачите и клучни членови во бендот, зад себе има девет студиски изданија, како и музика за преку триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Avec L’Amour (Со љубов)“, „Cash & Marry“ и други. Тој е денес, без сомнение, еден од најпродуктивните, најоригиналните и најхаризматичните актери на домашната музичка сцена, познат по својата спонтаност, експлозивност, емотивност и страст во живите настапи. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две збирки поезија. Концертот на Пијан Славеј на ОФФест 2021 е, всушност, прво претставување во живо на неговата нова музичка авантура, во која учествуваат и Пеце Трајковски (хармоника), Андреа Мирческа (контрабас), Мартин Џорлев (клавијатури) и Мартина Баракоска (тапани).
БЛИК БАСИ е „еден од најинвентивните и најоригиналните африкански музички автори“ (Гардијан). Камерунскиот гитарист и вокалист, со живеалиште во Париз, ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и Мисисипи блузот со полетните мелодии и сугестивниот, кршливо нежен, фасцинантен вокал. Тој пее на јазикот Баса, еден од 260-те јазици што се зборуваат во Камерун. Песните на Баси се возбудливи, емотивно и политички набиени и поткрепени со впечатлива инструментација на виолончело, труба и тромбон. Неговиот нов албум „1958“ има сериозна политичка конотација: во таа година е застрелан Рубен Ум Нјобе, водачот на борбата за независност на Камерун, од страна на колонијалните француски трупи. Баси ги враќа сеќавањата за него, истовремено потенцирајќи ја врската со сегашноста, со денешниот Камерун – земјата е можеби независна, но сепак управувана од авторитарен режим којшто ги потиснува сите сеќавања на активистите како Нјобе. Блик Баси испорачува современ звук без граници, своевидна декларација за независност и воедно чин на нескротливост.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.