Вечерва на „Скопско лето“ , концерт на етно-составот „Афион“ од Хрватска

Во рамките на културно уметничкото „Скопско лето“ во Сули ан – Факултет за ликовни уметности во Скопје, на 25 јули, со почеток во 20.30 часот, концерт ќе одржи етно-составот „Афион“ од Хрватска.
На концертот ќе настапат Лидија Докузовиќ (вокал), Данијел Маодуш (гитара), Александар Јовевски (кавал и тамбура), Јеспер Нордберг (контрабас) и Ратко Даутовски (перкусии).
„Афион“ е хрватско-македонски бенд, кој свири музика од западен Балкан (најчесто од нивните татковини Хрватска и Македонија), која ја интерпретираат на свој и оригинален начин користејќи ги песните како основа за нивно компонирање и аранжирање.
Формиран во 2003 година во Загреб, Хрватска, бендот настапил на повеќе од петстотини концерти во клубови и на големи фестивалски сцени во Хрватска и низ Европа (Бингсјо, Фолк фестивал на Шетландските Острови, „Ин-мјузик фестивал“, „Адријатико Медитеранео“, Фестивал на Балканскиот плоштад). Нивните настапи во живо музичката критика ги опишува како „акустичен звук со енергијата на рокенрол бенд“ (Ј. Боусфиелд, Rough Guide to Croatia).
Тие се првиот хрватски бенд кој вклучил музика на националните малцинства во Хрватска на својот репертоар. Исто така, имаат голема улога во носењето на традиционалната музика до поп и рок-фестивалите и младата публика. Албумите „Афион“ („Аквариус Рекордс“, 2006) и „Чудне свати“ („Аквариус Рекордс“, 2008) биле номинирани за хрватското Греми „Порин“.
Во 2018 година, по седум години пауза, „Афион“ повторно се обедини. Членовите на бендот, кои живеат во три различни држави (Хрватска, Македонија и Шведска) сè уште ја имаат истата страст да свират заедно и да му ги раскажуваат своите приказни на светот.
Новиот албум со наслов „Тречи билбил“ (Третото славејче) излезе на 4 мај 2020 година и е омилен кај фановите и пофален од критиката. „Третиот славеј“ се залага за сите уметници кои дејствуваат и творат во најнепријатните времиња. Тоа е почит за сите пејачи кои пеат на „погрешен дијалект“, изведуваат песни од „погрешната страна на границата“ и сите изведувачи кои ја прават народната музика жива и единствена.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.