Симфониски концерт „Романса“ со врвна виолинистка од Кореја

„Романса“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток, на 18 април, со почеток во 20 часот.

Како солистка ќе се претстави врвната виолинистка од Кореја, Сојанг Јун, која ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар од Јоханес Брамс. Сојанг Јун, добитничка на престижни награди, која се смета за една од најдобрите виолинистки на новата генерација, за прв пат доаѓа во Скопје.

Диригент на концертот е извонредниот Михал Нестерович од Полска, а оваа вечер ќе биде изведена и прекрасната Петта симфонија од англискиот композитор Ралф Вон Вилијамс, која ќе ја доживее македонската премиерa.

Изведбите на виолинистката Сојанг Јун, која е една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како „високо дисциплинирани“ („Грамофон“), или „техничка совршеност која секогаш е во служба на музиката“ („Гардијан“). Сојанг Јун е добитничка на први награди на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и на сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис. Како солист настапува со водечки оркестри меѓу кои: Германската филхармонија на Бремен, Оркестарот на Елбфилхармонијата, Рускиот национален оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Берн, Симфонискиот оркестар на Трондхајм, Камерниот оркестар на Цирих итн., соработувајќи со музичари како: Кшиштоф Пендерецки, Ивор Болтон, Кшиштоф Урбански, Мухаи Танг, Максим Венгеров и Михал Нестерович. Оваа година Јун ќе настапи во Карнеги Хол во Њујорк, берлинскиот Концертхаус, како и со Симфонискиот оркестар на Сингапур и на турнеја низ Германија со Прашката филхармонија. Во соработка со Кореанскиот камерен оркестар, Сојанг има издадено носач на звук со „Годишните времиња“ на Пијацола и Концертот за виолина и оркестар од Феликс Менделсон, при тоа настапувајќи со оркестарот на турнеја низ Азија, Европа и Северна Америка. Во 2012 година, таа заедно со Бенџамин Грегор-Смит го основа триото „Орион“, со кое ја добиваат правата награда и наградата од публиката на натпреварот за камерна музика во Цирих – „Мигрос Културпроцент“. Оваа концертна сезона триото настапува во „Вигмор Хол“ во Лондон, „Тонхале“ во Цирих, како и во бројни концертни сали во Штутгарт, Единбург, Белфаст, Манчестер… Сојанг Јун живее во Базел и Сеул, а се образувала на Националниот универзитет за уметност во Сеул со Захар Брон, на Универзитетот за музика и танц во Келн и на Универзитетот за уметности во Цирих. Свири на виолина изработена од Џ. Б. Гвадањини во 1773 година, позната и како „Бикебург“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.