Вечерва, 1 ноември: „Принчипеле” во Камерната сала на Филхармонија

Во вторник , на 1 ноември во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија, концерт ќе одржи трио „Принчипеле”.

На програмата се Голдберг варијации BWV 988 од Јохан Себастијан Бах, Квартет за обоа, виолина, виола и виолончело КВ 370 од Волфганг Амадеус Моцарт и Трио за виолина, виола, виолончело од Жан Крас.Во трио „Принчипеле” свират виолинистката Анна Кондратенко, виолистот Марко Виденовиќ и виолончелистот Паскал Краповски. Како гостин на концертот ќе настапи обоистот Владимир Лазаревски.

Анна Кондратенко е родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О.Марченко и на А.Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година. Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Michigan, USA), Klassische Philharmonie Bonn (Germany), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мајстер-курсеви (кај Z.Bron, D.Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Austria), Holzhausen Musiktagen (Germany) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои се Ерденко и Мравински во Русија и Ј.Ниман во Германија. Пред две години,основа квартет „Филхармонија” од членови на оркестарот на Македонската филхармонија со кои остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно, работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонскатафилхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестар на F.A.M.E.’S Project во Скопје.

Марко Виденовиќ е роден е во 1980 година во Крушевац, Србија. Основно и средно музичко образование завршил во Битола, а со високо образование се стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за виола. Како член на повеќе камерни состави и ансамбли („Бревис квартет”, „Мјузик прогресив квартет”, ансамблот за современа музика „Алеа”, Битолски камерен оркестар, Младински оркестар на Југоисточна Европа, оркестарот на Музичка младина на Македонија, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија и др.), настапувал на подиумите во Македонија и во светот. Свој удел како композитор и аранжер имал во филмовите „Трето полувреме” и „Балканот не е мртов”, како и комплетен автор на музиката што ја изведува „Мјузик прогресив квартет”.

Паскал Краповски својот уметнички израз активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус” и на “Music Progressive Quartet”. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност. Роден е во семејство со долга музичка традиција. Своето образование го започнува со Ристо Краповски и со Диме Стојанов во Скопје, по што продолжува со додипломски и постдипломски студии во класата на Анатоли Крстев на Државната академија „Панчо Владигеров” во Софија. Во периодот 2018/2019 година, имал академски престој на Универзитетот на Северно Колорадо во САД, како асистент во класата на Гал Фаганел.

Владимир Лазаревски е роден е во 1979 година. Свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломира и магистрира во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров” во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна, заминува на двегодишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи” под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар Вејн Рејпиер и Марк Мекеван. По враќањето од САД, ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров” и во 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.Лауреат е на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво” во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето” во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Вработен е како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик прогресив”, на ансамбалот за современа музика „Контемпора” и симфонискиот оркестар за филмска музика F.A.M.E.’S. Свири на сопствена обоа „Лаубин”, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.