Оркестарот на Филхармонија ќе одржи концерт во четврток насловен „Поле за игра“ на која како солистка ќе настапи исклучителната виолинистка Ајман Мусахоџаева од Казахстан. Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн.
Музиката на германскиот композитор Феликс Менделсон (1809-1847) е совршен микс на класичната пропорционалност со романтичарската жестокост. Јозеф Хајдн (1732-1809) е австриски композитор и една од најзначајните фигури во развојот на класичниот музички стил во 18 век. Тој ги поставил формата и стилот на симфонијата и гудачкиот квартет. Затоа го викаат и „татко на симфонијата“ и „татко на гудачкиот квартет“.
Виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан е на листата на исклучителни музичари на 20 -тиот век која ја направи Енциклопедијата на универзитетот во Кембриџ, а од биографскиот центар на овој угледен универзитет ја доби и титулата „Интернационален уметник за 2003 година“. Мусахоџаева е и „Уметник на мирот“ на УНЕСКО, а наградена е од претседателот на Италија и од Ватикан за своите уметнички достигнувања.