Новата светска ѕвезда Петар Пејчиќ и „Профундис“ повторно ја носат „Candlelight“ магијата во Македонија!

Новата светска ѕвезда Петар Пејчиќ ио распродадениот премиерен концерт минатата година, традиционалниот „Candlelight“ спектакл под свеќи повторно ќе ги воодушеви љубителите на класичната музика во Скопје.

Под магијата на светлината од илјадниците свеќи, на 22 март 2025 година со почеток во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе ве поведе на безвременско музичко патување исполнето со емоции и магија.

На концертот, насловен „Timeless“, како солист ќе настапи виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најголемите таленти на својата генерација. Петар Пејчиќ е млад и исклучелно талентиран виолончелист, кој веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Неговите успешни настапи на некои од најголемите светски сцени го поставуваат како еден од најврвните уметници на својата генерација. Пејчиќ е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на Кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации. Пејчиќ изведува дела од најголемите композитори со исклучителна техника и емоционална длабочина, создавајќи неповторлива музичка атмосфера која ќе остави траен впечаток.

На програмата на овој концертен спектакл се едни од најдобрите дела од класичниот репертоар, со истакната присутност на минимализмот, експресивноста и виртуозноста.

Програмата на концертот ќе ги понуди волшебните звуци на Филип Глас преку „The Hours“, композиција од истоименото филмско дело. Оваа композиција на Глас ја истражува контемплативната убавина и минимализмот, создавајќи емоционално интензивна и нежна атмосфера преку динамични мелодиски трансформации. Следува Унгарската рапсодија оп. 68 од Давид Попер, композиција за виолончело и оркестар која носи вистински експлозивен карактер со драматични унгарски мотиви. Почнува со лирски и меланхоличен вовед, но брзо се развива во блескава и динамична виртуозна демонстрација на техничките можности на виолончелото, правејќи ја вистински предизвик за секој солист. На крајот, публиката ќе биде воодушевена од Рококо варијациите на П.И. Чајковски, дело кое ја спојува елеганцијата на класичниот стил со богата музичка изразеност, создавајќи беспрекорен баланс помеѓу виртуозноста и емоциите на Чајковски.

– „Среќна сум што Candlelight магијата стана традиционално концертно доживување во Скопје. Овој пат, имаме привилегија да бидеме домаќини на новата светска ѕвезда Петар Пејчиќ, кој со своето виртуозно изведување и сценска харизма ќе ја збогати магијата на оваа вечер. Програмата што ја нудиме е навистина уникатна и нема да остави никого рамнодушен затоа што ова ќе биде концерт кој ќе ги поттикне најдлабоките емоции кај присустните.“ – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на оркестарот.

Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој веќе традиционално го става и Скопје на светската мапа на локации каде се одржуваат овие уникатни спектакли. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.

Влезниците за ова концертно доживување се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс во државата или онлајн.

***

 

 

ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ (МК): Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.

„Профундис“ е оркестар кој се истакнува по својата иновативност и оригиналност, следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење.

 

ЗА ПЕТАР ПЕЈЧИЌ (СРБ): Петар Пејчиќ е еден од најдобрите млади виолончелисти на својата генерација, кој се издвои со својата изведувачка зрелост и креативност. Роден во музичко семејство, своите први часови за виолончело ги започнал со само четири години, а своето музичко образование го продолжил во Германија на Универзитетот за музика и театар „Феликс Менделсон Бархолди“ во Лајпциг, каде што учел под раководство на професор Питер Брунс. Денес, тој е ученик на престижната Академија Кронберг во класата на професор Франс Хелмерсон.

Петар е добитник на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари, меѓу кои се и наградата на Вториот меѓународен натпревар на Кралица Елизабета (Белгија), како и победата на натпреварите во Финска и Шпанија. Неговата техника и емотивен израз го поставуваат како еден од најзабележителните млади музичари на сцената. Тој свири на виолончело направено од Ѓузепе Гуарнери „филиус Андреа“ (1694, Кремона), позајмено од страна на институтот „Беарс Интернешнл Виолин Социети“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.