Охридско лето- Вечерва концерт на руската пијанистка Виолета Егорова

Познатата руска пијанистка Виолета Егорова вечерва  ќе настапи во рамките на музичката програма на  Охридско лето со концерт во  црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а ќе бидат изведени дела од композиторите Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Фредерик Шопен, Николај Медтнер и Александер Скрјабин .

Почнува да свири пијано на четиригодишна возраст, дебитирајќи со целовечерен рецитал кога имала 12 години. Образованието го почнува во Централното училиште за талентирани деца во Москва, а продолжува на Московскиот конзерваториум „П.И.Чајковски“ под менторство на прочуениот Лев Наумов. Додека сѐ  уште била студент, нејзиниот талент го препознава  Руско-Американската корпорација              „ Уметност и електроника“ и ѝ овозможува да сними ЦД со дела од Моцарт и Прокофјев одбележувајќи ги годишнините од раѓањето на овие композитори. Потоа, снима уште неколку носачи на звук.

Виолета Егорова е лауреат на повеќе интернационални натпревари. Често како солист настапува со реномирани оркестри. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија, каде е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.