Скопје, 16 Март 2024 година
Вечерашниот концерт на Националниот џез оркестар во МНТ, преведено со словото на азбуката беше “Бушава џез азбука”, затоа што, како што изведувачите го насловија “Џез Лектира”, така и се оствари во полното значење на зборот, изведувајќи ни песни од Каунти Бејси и неговиот оркестар.
За да се почне со џезот треба да се почне од буквата “а”, да знае кој бил Каунт Бејси, еден од најзначајните музички феномени во биг бенд ерата, или ерата на свингот- значаен период во кој популарната музика во САД доживува трансформација.
Прво што треба да се запамети е дека Каунт Бејси е првиот црномурен музичар кој добива Греми во Америка, во 1959 година.
Ако пак своевремено сте ги слушале емисиите на Костадин Костадиновски на Македонско радио, посветено на џезот, знаете дека немаше емисија која можеше (и да сакаше) да помине без нумери од репертоарот на славниот оркестар на Бејси.
Е, вечерва, имавме директна средба со таа музика, која го доживува својот врв од 30-тите до средината на 40-тите години нa 20-тиот век, а тој, како еден од најважните имиња во биг бенд ерата (заедно со Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер) е нарекуван “Кралот на свингот”.
Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, кој во 1935 година го формира оркестарот, сѐ другото е историја.
И, го води овој бенд 50 години.
“Каунт Бејси биг бендот”, имал соработка со современата американска џез пејачка и пијанистка, Дајан Шур (меѓудругото добитничка на две Греми награди за најдобра џез пејачка во 1986 и 1987 година), што пак беше добра подлога и повод на вечерашниот концерт како специјална гостинка да биде поканета извонредната Марија Димитријевиќ, една од најдобрите женски џез пејачки на овие простори.
Некако се навикнавме да очекуваме концерти на џезерите секој месец, со или без некаков повод, и иако тие постојат помалку од два месеци, од официјалното претставување на 23 јануари со концертот “Џез нова”, ова беше нивниот четврти концерт досега.
Помина многу лежерно и фино, маестрално и мераклиски, слушнавме убави теми и најави и анегдоти од шармантниот диригент Џијан Емин.
На почеток ја најави младата ѕвезда и најмлад член во бендот, трубачот Славе Ѓоргиев, а покрај стандардните членови кои јавноста веќе добро ги знае, понатаму посебна благодарност изрази до Трајче Велков, со чие посебно залагање се одржал овој концерт.
За песната “Shiny Stockings” (Каунт Бејси најчесто ја изведувал со Ела Фицџералд н.з.) ни раскажа анегдота дека тоа е онаа песна за чорапите кои ги носиш со денови и се стврднуваат и се залепуваат за Тебе, нешто што го правел кога бил млад, се пошегува.
Ја изведоа и “The kid from red bank”, напишана специјално за Бејси.
За песната “Hay burner” ни откри дека е за сите оние кои се второ место: “се мисли на коњот што секогаш завршува втор во трката, меѓутоа и тие се луѓе. Oва, реченово не го вежбав, навистина. Супер е второ и трето и петто место најважно е да се учествува”, повторно се пошегува Џијан.
А пред да ја најави оваа песна “за коњот” го замоли Ален (претпоставуваме Хаџи Стефанов, радио џез уредник) да не го прекинува, нешто што спонтано и инстинктивно ти доаѓа кога ги слушаш овие наши мошне обожавани музичари- џезери, иако главно нивните изведби се проследени со молк, пеперутка да прелета во публика, ќе ја слушнеш…но, понекогаш ќе летне и некој аплауз или збор, дофрлен од возбуда…
“Basie straight ahead” беше следна тема, па заедно со Марија и “Travelin’ light”…
Изведоа и песна во чест на стотиот роденден на Воислав Бубиша Симиќ, кој ќе го прославува за два дена, на 18 март, инаку легендарен основач на Џез оркестарот на Радио телевизија Белград и помагател во создавањето на џез оркестарот “Македонка” во Штип.
Со најавата на песната “Splanky”, маестро Емин откри дека Бејси е првиот Афроамериканец кој освојува Греми, во 1959 година.
“Moten swing” беше дел од изведбите. “Will be together” повторно исполнета со Марија и за крај уште и “You can have it”, во нејзина изведба.
И, ти можеш да го имаш тоа…на следниот нивни концерт, наскоро, во истиот или друг објект, како што најави диригентот, концерти кои се можеби единствени кај нас кои се продаваат само со една фејсбук објава, без плакати и без “медиумска маркетинг драма”, а се посетени од нивната редовна публика, постојано надополнувана со нова.
Овој изнесуваше 1000 денари што е сепак повеќе од пристојна сума за ваква уметност.
Добри видео снимки не направивме, понекогаш во целата тишина се тресе раката од музичката возбуда што ја провоцираат во секој од посетителите, овие славни јунаци на македонската музичка уметност…
Валентина Ѓоргиевска Парго