КРИВА ПАЛАНКА: Разновидна и богата програма на манифестацијата “Свети Јоаким Осоговски”

Крива Паланка
14.08.2024

Општина Крива Паланка, Град на културата за 2024 година, ја организира манифестацијата “Свети Јоаким Осоговски” со разновидни културни настани и збиднувања.

***
Манифестација „Шопско село“

(22 и 23 август 2024)

Соред етнолошката класификација, етнографскиот предел Кривопаланечко, влегува во состав на Шопско- Брегалничката етнографска целина која пак е дел од големиот Шопски етнички ареал (шоплук) кој што се простира на териториите на Србија, Бугарија и РС Македонија. Врз основа на спецификите на Шоплукот како посебен етногеографски бренд и фактот што Кривопаланечко се наоѓа во срцето на овој етнографскиот ареал, општина Крива Паланка година воведува посебна повеќедневна фестивалска манифестација која ќе има фолклорен, етнолошки и забавен карактер и која ќе ја презентира духовната и материјалната култура на Шоплукот и соседните гранични предели.
Манифестацијата ќе ги обедини Фолклорниот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, Фестивал на храна и Фестивалот на занаети и ракотворби, создавајќи атрактивен туристички пакет кој би привлекол повеќе гости и посетители на градот.

Програма на манифестацијата:

(Трите фолклорни вечери ќе се одржат на Градскиот плоштад)

-Фолклорен мегдан: Настап на фолклорни и играорни друштва од земјава и странство во рамките на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“. Во рамките на трите вечери, посебно ќе се претстави по една фолклорна група од гостите од странство, со цел да се презентира нивната култура и традиција пред посетителите.
На 20 и 21 август, во 21.00 часот, следува концерт на Игор Димовски и „Пауза за ракија“ , а на 22 август, во 21 часот, ќе настапи пејачката Елена Андоновска со целовечерен концерт.

***
Во рамките на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ ќе се одржат и два семинари:
21.08.2024 година- Семинар со Бојан Петковски-проекција на филм од Дурачка Река „Не Плети Лесо„ презентација на облековните елементи од етничките предели Дурачка река, Источен дел на Славиште и Средорек.
(Место и време: 12.00 – 14.00 часот во кино сала при НУ Центар за култура Крива Паланка)

22.08.2024 година- Предавања на тема: „Традиционалната култура во Крива Паланка“

Проф. д-р Зоранчо Малинов
Проф. д-р Родна Величковска
Проф. д-р Стојанче Костов

(Место и време: 11.00 – 14.00 часот во Општинска сала)

***

Панаѓур/ Собор: Во рамките на Фестивалот на храна ќе има дрвени куќички и тезги на кои ќе може да се дегустира и купи локална храна, специјалитети и пијалоци, што ги нудат учесниците и гостите на фестивалот од Крива Паланка и од други места и држави.
На 20 август ќе има посебна промоција на лесковачка скара од истакнати угостители, во организација на Туристичката агенција од Лесковац.
Панаѓурот ќе биде поставен на Градскиот плоштад и Градскиот парк.
– Пазар на ракотворби: Продажба на ракотворби, сувенири и други изработки од локални занаетчии и гости од други градови и држави.
Пазарот ќе биде поставен на кејот на Крива Река.

***

Музички фестивал „Џојфест“

(23 и 24 август 2024, Градски плоштад, 21,00 часот)

На двете фестивалски вечери ќе настапат познати македонски музички звезди.
Организатор на фестивалот е Здружението за културни и уметнички дејности „ЏОЈ ФЕСТ“ Крива Паланка.
На 23 август настапуваат музичките групи Conquering Lion и Суперхикс.
На 24 август настапува музичката група Кисити, а ѕвезда на вечерта е македонската дива Калиопи.

Концерт „Македонијо во срце те носиме“

(25 август 2024, Градски плоштад, 20,00 часот)

Проектот на „Скендеровски продукција“ вклучува македонски патриотски песни во изведба на најпознатите македонски пејачи: Миле Кузмановски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Мина Блажев и Марија Спасовска.
Ќе бидат изведени најубавите македонски традиционални песни „Налеј, налеј“, „Заветна“, „Едно име имаме“, „Ми заплакало селото Ваташа“, „Земјо македонска“, „Послушајте патриоти“ и други.
Во рамките на овој настан ќе се одржи и Slow food фестивал кој го поврзува задоволството и добрата храна на органските производители.

***

Концерт на балканската ѕвезда Северина

(28 август 2024, Градски плоштад)

По повод патрониот празник на Крива Паланка „Свети Јоаким Осоговски“ ,Општина Крива Паланка традиционално организира концерт со позната музичка ѕзезда од регионот. Годинава, изборот е хрватската пејачка Северина за која постои голем интерес кај публиката.

***

Патронен празник на градот Крива Паланка „Свети Јоаким Осоговски“

(28 и 29 август 2024, манастир „Свети Јоаким Осоговски“)

По повод големите христијански празници Успение на Пресвета Богородица/ Голема Богородица и Свети Јоаким Осоговски во Осоговскиот манастирски комплекс се одржуваат највисоки црковсни свечености со многу гости и сослужители, посветени на малата манастирска црква „Рожденство на Пресвета Богородица“ и големата манастриска црква „Свети Јоаким Осоговски“ноќта на 28 август спроти 29 август во манастирскиот комплекс се одржува народен собор во чест на патрониот празник на манастирот на кој се собираат голем број верници од земјава и странство.
Во градот овие два дена има посебна празнична атмосфера со забавни содржини и угостителска понуда.
Во меѓувреме се одржуваат и други културни настани, а културната програма од манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата 2024“ продолжува континуирано до крајот на годината.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.