ВРАЌАЊЕ НА ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ: Влатко Стефановски го одврза македонскиот бит во себе, го тресеше Универзумот!

Неправда е во случајов, но дистанцата што од една до друга временска точка ќе се создаде сама, кај легендите никако не е случајна и колку е поголема таа станува и позначајна и добива поголема вредност. 40 години поминале од првото до синоќешното свирење на фамозниот македонски гитарист и автор Влатко Стефановски во Младински културен центар, Скопје, кое се совпадна и со јубилејот 50 години постоење на оваа институција.
Дека сѐ беше во стилот на паралелата “некогаш и сега” даде до знаење и самата најава на организаторот “Баги комуникации”, со тоа што концертот го најави во салата “25 мај” (како што некогаш се викаше, а денес Дансинг сала).
Возбудената публика го дочека враќањето на Величествениот македонски уметник со силна возбуда, на која се надоврзаа и првите звуци на “Македонско девојче”, изведба која траеше повеќе од 8 минути, со што уште самиот почеток означи еуфорична ноќ.
Влатко како Влатко, без многу помпа ги поздрави присутните, кажа дека се сеќава како бил облечен на првата свирка во МКЦ во 1982, но не памти како звучел.
“Влатково оро” беше следна изведба, па, “Сеир”, “Елено ќерко”, “Кандилце”, “Фејт, хоуп…” , секоја од овие содржи нешто македонско или мелодијата или карактеристики во текстот.
-Ако не знаеме ние ова да го броиме, не знае никој, најави пред да го изведе орото во 7/8 такт, со оној него препознатлив вовед “Јен, два, три, Јен, два, јен, два”, па “Калајџиско оро”. ..
– „Ова се вика Младински културен центар, овде сме сите млади“, рече и се пошегува дека своите години нема да ги открие но ќе ги открие на синот Јан кој беше зад тапаните, и има 21 година, и на гитаристот од ова ново трио, Иван Куќуќ кој има 24.
Етно македонскиот мелос во рок верзија на Влатко продолжи и со изведбата на “Румба рум дум”, а со “Џипси сонг”, во превод топлата “Шутка и Топана”, им го честиташе 8 Април на Ромите, меѓу кои имал многу пријатели.

(аматерска снимка од почетокот на концертот)

– Инаку, јас сакам на моите албуми да им давам интригантни имиња, да не знаат баш сите што значи тоа. На оваа турнеја многу објаснував што е тоа Тафталиџе. Тафталиџе е една населба во Скопје каде што живеам јас многу години… Имам албум што се викаше” Калабалак” кога никој не знаеше што е тоа. “Добро што е тоа Калабалак, што е тоа?” И морав да им објаснувам што е тоа. Исто така за албумот “Сеир”. “Што е тоа сеир?”, Па како да ви објаснам, тоа е таа дисициплина. Добро и Тафталиџе сега морав да објаснувам што е тоа: Тафталиџе е една населба, многу убава беше на времето, сега не е толку убава затоа што е преизградена ама сепак сѐ уште сме во Тафталиџе. Значи снимивме еден локдаун албум што се вика “Тафталиџе шафл” и сега сакам да ви отсвириме неколку песни од тој албум. По што е познато Тафалтиџе? Тафталиџе е познато по тоа што барем мојата генерација сите купуваа плочи, имаа фини хај-фај системи и сите се трудеа да имаат што подобар систем и што повеќе плочи. Можам и да ви ги набројам тие ама не мора сега во оваа прилика. Значи поради тоа направив и напишав една песна која се вика фанки џанки. Сите сакаат фанк да слушаат во Тафталиџе…”, зборуваше Влатко.
Следуваа теми од последниот карантински албум “Тафталиџе шафл” и песната “Фанки, џанки” , “Огледало”…
По делот од овој интересно интригатен албум, проверената публика која дотогаш грижливо и в место снимаше со мобилни, се раздвижи и летна со силна енергија, на темите од “Леб и сол”, неизбежната “Чувам ноч од будних”, а потоа ја најави песната која не ја изведувал на свои концерти, туку овој пат први исклучок затоа што публиката тоа го заслужува. Погодувате- “Као какао”! По неа уживање беше да се слушаат “Јовано, Јованке”, “Чукни во дрво” и за крај” Бистра вода”.
Неговата благодарност кон публиката за овациите во текот на концертот ја искажа и со симпатичен и по малку благ сарказам дека поради аплаузите „се осеќаме како странски бенд!”, рече.
Се заблагодари на своите двајца придружници Јан и Иван со најпофални зборови, на” Баги комуникации” за организацијата и на Веселин Теохаров за озвучувањето…и, како бистра вода истече концертот дојде и самиот крај, на која еден верен фан се потсетуваше дека наводно присуствувал и на концерт на Влатко пред 30 години во МКЦ, за кој Влатко можеби не се сеќава, но тој убаво се сеќавал и на деталите и на седумте милициски автомобили кои го обезбедувале концертот.
Поминало доста време, некои сеќавања се точни, но некои можеби и се плетат како приказни. Битно е во иднина да нема толкава пауза и да е ова редовен концерт на програмата во МКЦ.
Вечерва, на исто место концертот почнува во исто време 20 часот. Реприза е реприза, но не треба да се пропушта. Влатко е повеќе од фемомен и културен и национален амбасадор кој со децении го пренесува македонскиот бит преку музика на сите меридијани. Синоќа го имаше до крај одврзано од себе, го пушти на најјако и со него (добивме чувство) како да го тресеше Универзумот. Со својот силен звук и порив, неколкуте гитари на кои свиреше една по друга и со забележливо силната волја, која беше нагласена, и со која по подолго време не растресе и не врати во концертна форма.
ДА ЖИВЕЕ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ! ДА ЖИВЕЕ!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.