Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“, вечерва ќе одржи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Под диригентско раководство на Олег Кондратенко, ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски.
Камерниот оркестар на Музичката младина постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.