Во фоајето на Националната опера и балет на 15.10. 2024 година се одржа прес- конференција по повод отворањето на новата сезона во Националната опера и балет, со возбудливата сценска кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Отворањето ќе е вечерва, на 16 октомври.
На пресот се зборуваше и за богатата програма што ќе следува на репертоарот.
На новинарите им се обрати Оливер Арсовски, в.д. директор на НУ Национална опера и балет, како и Христо Саракинов, уметнички раководител на Опера, Кире Павлов, уметнички раководител на Балет и Бурхан Дибрани, раководител на секторот Маркетинг.
Арсовски нагласи дека во Националната опера и балет во изминатите години прво се гледало да се даде за изнајмување, а дури потоа ако има простор за претставите од репертоарот, но тоа веќе нема да се случува, вети директорот.
Исто така кажа дека од јануари сигурно ќе има по две оперски и две балетски претстави од железниот репертоар, а сѐ останато ќе бидат концерти, рецитали, претстави на мала сцена.
Инаку, ноември ќе биде посветен на одбележување на 100 години од смртта на италијанскиот композитор Џакомо Пучини. На 8 ноември е најавена „Боеми“, на 16 ноември е „Мадам Батерфлај“, додека за 23 ноември е закажана „Тоска“ а на 29 ноември е закажана „Турандот“. Претставите ќе бидат со странски диригенти и пејачи.