Шеснаесетгодишната Михаела Антеска од Гостивар дебитира на музичката сцена со панк-рок песната „Insecurities“, на која се потпишува и како автор на музиката и текстот.
Се работи за енергична песна со модерен звук и богата инструментална линија во која доминираат гитара и виолина. По неколку месеци снимање, обработка и подготовки песната е објавена на Soundcloud и Youtube.
„Музиката отсекогаш ми била најдобар пријател и омилен начин за да се изразам кога не сум знаела како поинаку, за да кажам што мислам пред другите и да си помогнам самата на себе, кога ми било најтешко. Затоа велам дека во оваа песна оставив голем дел од моето срце и сигурна сум дека тоа се чувствува при самото слушање. Ова ми е прва песна, но со тоа и прв чекор кон мојот сон и иднината што сум ја замислила и ќе ја градам – светски успех на полето на панк-рок музиката и име што ќе остави белег на таа сцена“ , вели младата кант-авторка.
Песната е снимена во студио „Клиника“ на Ивица Брчиоски, кој го направи и аранжманот. Промо фотографиите се продукција на Gostivarpress.mk.
Михаела е ученичка во втора година во гостиварската гимназија. Гитара свири од седумгодишна возраст. Голем љубител е на рок, метал, панк и гранџ музика. Настапувала на клупски свирки, манифестации, како и на фестивалот „Од ребро до рокенрол“ во 2019-та година