Почетна ЗАБАВА И МУЗИКА Медиуми и Шоу Бизнис Ново признание за ТВ емисијата “Лица и дела”

Ново признание за ТВ емисијата “Лица и дела”

Емисијата “Лица и дела” на ТВ Сонце стана добитник на престижната награда од дијаспората од М Н 1, Торонто, Канада, за најгледана емисија во 2024 година.

-Иако “Лица и дела” е добитник на многу награди и признанија досега, сепак и овој пат докажа дека е вистински бренд за Тв продукт посветен на култура и уметност во Македонија и во дијаспората. Јас како автор, како продуцент и двигател на оваа емисија ја работам цели 12 години со ист концепт, водител – гости, но со различни гости и различни теми, и пред сѐ со многу познати имиња во Македонија и во светот, кои гостуваат во нашето студио. И секако, многу сум горд на тоа и затоа велам сите наши успеси на тимот се заслужени и се постигнати со многу вложен труд и пред сѐ голема желба за успех, вели Симе Младеновски, продуцент на емисијата.

Тој додава дека дел од новиот успех е што оваа година “Лица и дела” засилила со нова водителка.

– Нашата голема надеж, прекрасната, шармантна, харизматична Јована Ангелова е студентка на Факултетот за фармација, и веќе ги осознава тајните на тв водителството. Таа е наша голема гордост и одлично си ја работи работата. Почитува и има голем респект кон сите гости. Секако тука ќе ги спомнам и камерманите Срѓан, Далибор, Деки и реализаторот и монтажерот Владо и колегите од телевизијата кои работат на емисијата, со чиј придонес од квалитетот е многу поголем и бескрајно сум им благодарен…

Младеновски нагласува дека успехот на емисијата се должи на тоа што во неа гостуваат многу добри гости- актери, естрадни уметници, музичари, бендови, ликовни уметници, поети, спортисти, министри, градоначалници, стрип уметници и луѓе со многу други професии, кои со своето учество помогнале емисијата да се закитува со многу признанија и да доживува успеси.

-Ќе спомнам само дел од оние кои ни гостувале во изминативе години- браќата Тавитјан, Гаро Тавитјан, Стојна Костовска, Сузана Спасовска, Цветин, Наум Петрески, поранешниот министер Оливер Спасовски, поранешниот градоначалник Борче Георгиевски, нашиот амбасадор во Црна Гора Зекир Рамчиловиќ, Елена Грујовска, “ДНК” Влатко Лозановски, Бубе Јовановски, Трифун Костовски, Есма Реџепова Теодосиевска, Ибуш Ибраимовски, Јордан Митев, Анета поранешниот вокал на “Молика” и многу други. Зад нас се многу емисии со многу гости. Пред две години славевме десетгодишен јубилеј и направивме одлична забава, а следната година подготвуваме некои изненадувања, но не би сакал да ги откријам сега, нека бидат изненадување за гледачите, вели Младеновски.

Како прв човек на оваа емисија досега и самиот има освоено повеќе награди и признанија, особено од дијаспората, за изработка и на документарци со тематики од Македонија.

-Јас како продуцент се имам закитено со многу награди во светот и мислам дека се пронајдов и уживам со мојата работа во сферата на филмот, снимање на документарни филмови. Но, пак ќе кажам, посебно уживам со подготовката на оваа емисија, а за да се направи бренд тоа се многу непреспиени ноќи, многу труд, многу работа. Сакам да нагласам дека “Лица и дела” е емисија која бара ексклузива од гостинот, за да му прави комплетен портрет на личноста на професионално поле и сѐ за работата која ја работи, вели продуцентот, и додава уште нешто:

-Ние покриваме и сѐ друго што е актуелно, како фестивали, настани, промоции, изложби, концерти, сѐ што сметаме што треба и вреди да се сними за “Лица и дела”. Секогаш даваме медиумска поддршка и на нашата дијаспора и секогаш го презентираме секој настан од дијаспората. И за крај ќе кажам дека секој труд се вреднува, секоја работа се почитува, а успех на сето тоа е презентација афирмацијата на македонската култура, јазик и уметност ширум светот. Наша вредноста се гледачите и рејтингот се надевам во иднина сѐ ќе оправдаме и ќе постигнеме нови успеси!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big