КИЦ Битола го презентираше краток извештај за работата на оваа млада општинска установа од културата за 2022 година.
-Не постои поголемо задоволство од добро завршена работа, оправдана доверба и секако задоволна публика. Ни претставува чест што бевме домаќини на повеќе од четиристотини културни и други јавни настани за само десет месеци активна работа во 2022, при што примивме преку шеесет и пет илјади (65000) публика, а на сценските простори на КИЦ Битола, во Офицерски дом и Кино Манаки, настапиле преку петстотини (500) изведувачи од сите културни сегменти, како музичари, актери, поети, сликари, фотографери, мултимедијални артисти и др. Воедно КИЦ Битола се појавува и како продуцент на неколку важни настани, а особено важно да се напомене меѓународната активност со пет настани од меѓународен карактер во наша продукција и иницијатива, при што промовиравме седум нови сценски простори достапни за уметниците и публиката.
Навистина е тешко да се издвојат настани одредени настани кои оставија особен впечаток врз публиката и културната јавност, бидејќи такви има и премногу. Бројките се навистина импозантни и зборуваат за една серизона динамика и културна политика и професионален капацитет на установата.
Имено од реализирани четиристотини и шест настани , сто дваесет и три (123) се концерти, претежно на класична музика, седумнаесет изложби (17), дваесет и пет театарски претстави (25) сто и тринаесет кино проекции (113) и стотина други настани од мултимедија, литература и друго. Би ги издвоиле следните настани, Концерт „Македонисимо“ на Симон Трпчевски, Концерт “Стабат Матер” на Камерeн оркестар под покровителство на Општина Битола, Одбележување на светскиот ден на џез музиката со концерт на Сашо Поповски трио и изложба на Татјана Ранташа – Џезтетика, Градските приказни на КУД ИЛИНДЕН „Битола е градот“, “Св. Кирил и Методиј” на Театарската школа “Бабец” и КИЦ, V Меѓународен фестивал на кларинет и саксофон „СаксКлар“2022, „Пијано фест“ 2022, “Веселите жени од Виндзор”- Шекспир фестивал, Хармониките фестивал, „Бит фест“ Концерт на Профундус – камерен оркестар, Ревијална вечер на серенада „Ех, таа серенада“, Меѓународна ликовна изложба „Вернисаж ААМА 19“, Концерт на Дино Имери, Камерен ансамбл НОНЕТ+, „Зимска приказна“, Четврт Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, Изложба на македонски и италијански уметници „Mirror Face to Face“, Изложба- Атланти и Хипербореа на Владо Ѓоревски, СЕЕ филм фестивал, ИФФК Браќа Манаки– студентска програма, Битолска современа уметност– галериска поставка, Концерт на Виенски инструментални солисти, Концерт на хорска музика – Хор „Триглав“ и многу други.
КИЦ Битола во оваа година влегува уште поамбициозно како со набавка на техника за уметничка реализација и презентации, така и со промовирање на нова современа веб страница kicbitola.mk изработена во соработка и поддршка на ит компанијата kimicom која соддржи целосен преглед на програмската и ресурсната структура на установата, настаните, архива, можност за резервации и слично.
Ја користиме оваа прилика да најавиме еден амбициозен проект, односно електронското списание за култура и уметност „Бели хоризонти“, во кое ќе бидат поместени теми од културата и уметноста, архитектурата, сликарството, литературата, со што КИЦ Битола си поставува нови предизвици и стандарди во работењето.
Истотака КИЦ Битола е поддржан со четири проекти од национален интерес од Министерство за култура од областа на ликовната уметност, интердисциплинарните уметности и меѓународна соработка, а поддршката од Општина Битола, освен во институционалниот дел доаѓа и во поддршка на повеќе проекти.
Она што е новитет во годинешната програмска и ресурсна поставеност на КИЦ Битола се подготовките за отворање на Туристичкиот инфо центар во рамките на Кино Манаки, активностите за туристичка промоција на Офицерски и Кино Манаки и секако Општина Битола.
Охрабрени од досегашните динамика и успех, продолжуваме во 2023 со нови проекти, иницијативи и настани.
КИЦ Битола го презентираше годишниот извештај
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.