Јавните личности и медиумите имаат одговорност да ја намалат токсичната реторика

Скопје, 5.12.2024

Довербата кон институциите, медиумите и политичарите е најголема жртва во ерата на пост-вистина. Сите тие треба отворено, одговорно и професионално да работат за да ја унапредат транспарентноста и отчетноста, со што ќе овозможат поголема информираност и вклученост на граѓаните во одлуките што ги засегаат. Ова беше заклучокот од конференцијата „Одговорни институции преку зголемена транспарентност и политичка комуникација“, која ја организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС).

За важноста да се задржи пристојна и нетоксична комуникација во јавниот простор зборуваше директорката на ИКС, Жанета Трајкоска, која нагласи дека за „загадувањето“ најмногу придонесуваат јавните личности и медиумите.

„Отровните конструкти на јавните личности пренесени преку медиумите и социјалните мрежи не само што придонесуваат за загаденост на овие платформи, туку и сериозно го намалуваат просторот за отворени и конструктивни дебати за професионална јавна комуникација на политичарите, на државните и на јавните институции. Медиумите, пак, брзајќи да ја објават секоја нова информација забораваат да се прашаат дали токму таа информација е навистина вест што е вредна за објавување и на тој начин свесно или несвесно придонесуваат за токсичност во медиумскиот простор. Сите здружено создаваме отровен медиумски конструкт во кој живееме“, кажа Трајкоска.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека транспарентноста не е само обврска, туку е и основа на планот за градење на модерна и демократска држава. Тој се обврза дека како Влада ќе овозможат секоја одлука што ќе ја носат да биде достапна, видлива и разбирлива за граѓаните и дека ќе бидат отворени за прашања, критики и препораки.

„Нема прашање на кое не сум одговорил и нема тема на која не сум отворен да разговарам. Наша тенденција е да создадеме услови за независно новинарство и соработка. Транспарентноста не е еднонасочен процес. Ние како Влада сме подготвени да работиме отворено и одговорно. Но, и сите вие сте клучни. Повикувам да бидeте активни, поставувајте прашања, барајте одговори, давајте препорака – ваша е моќта”, кажа Мицкоски.

За поголемо ниво на отчетност, тој најави обуки за јавната администрација, а вети и финансиска транспарентност за секој денар во буџетот и за секој проект од планирање до реализација.

Даниел Филер, вршител на должност во Британската амбасада во Скопје, говореше за важноста од отворен политички дијалог меѓу Владата, медиумите, граѓанското општество и јавноста. Во овој контекст, тој ја нагласи потребата од слободни и независни медиуми кои ќе објавуваат кредибилни и проверливи извештаи, а односот на политичарите кон нив ќе биде со доверба и почит. Граѓанското општество ќе треба да ја има улогата на „куче чувар“, посочи тој.

„Кога политичарите комуницираат отворено и транспарентно и се поклопуваат нивните зборови со нивните дела, тие ги зацврстуваат врските со граѓаните и го намалуваат просторот за дезинформации. Кога дебатата за јавниот интерес е базирана на факти, медиумите објавуваат точни извештаи, а политичките лидери се отворени на критики и дијалог. Тоа е знак на здрава демократија“, рече Филер.

На конференцијата се презентираа наодите од деветмесечното истражување на ИКС, Мерење на политички штетни наративи (ШТЕТ-НА), каде беше истакнато дека политичарите најмногу користеле реторика со која ја поткопуваат довербата во институциите (во 37% од објавите со штетни наративи), пристрасно селектирање податоци (30%), и напади на лична основа или демонизирање противници (9%).

Говорниците се согласија дека поларизираноста на општествата создава подлога за ширење на токсична реторика која ја поткопува демократијата, а за да се редуцираат штетите треба да се преиспита и улогата на медиумите во политичките процеси и како коректори на јавниот дискурс. Како лек за поларизираноста и алтернатива на црно-белата медиумска содржина, новинарот Курт Странд од Данска го промовираше конструктивното новинарство кое промовира решенија наместо конфликти. За кризата во либералните демократии во Европа зборуваше проф. д-р Вацлав Штетка од Универзитетот Лофборо, Обединето Кралство.

За како да се сочуваат демократските вредности и етичките стандарди во односите со јавноста и политичката комуникација во ерата на пост-вистина говореше д-р Аленка Јелен од Универзитетот во Стирлинг, Шкотска. Д-р Ива Ненадиќ од Институтот на Европскиот универзитет од Фиренца, Италија ги сумираше обврските кои произлегуваат од новите европски медиумски регулативи. „Она што го имаме како парадокс е дека оние кои креираат политики за слобода на медиумите, најчесто се истите тие кои ја загадуваат информациската сфера и ја поткопуваат слободата на медиумите“, изјави д-р Ненадиќ.

Конференцијата се организираше во рамките на проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.