30.10.2024
-Со голема радост го ставам на аукција фустанот со кој настапив на “Макфест 2024”! Овој уникатен фустан е украсен со цртежи направени од дечињата кои престојуваат во градинките “Астибо” во Штип и дечињата со попреченост од дневните центри во Штип, носејќи со себе топлина, љубов и искрени детски емоции. Средствата собрани од аукцијата ќе бидат донирани за поддршка на деца со посебни потреби. Придружете се и помогнете да направиме разлика за овие мали херои!, порача денес најимпресивната изведувачка на “Макфест 2024”, Марија Атанасова, која на сцена беше како преубава принцеза.
Таа даде насоки како може да се учествува преку нејзиниот фб профил:
-Оставете ја вашата понуда во коментар- почетната цена е 20.000 денари. Доколку сакате вашето учество да остане анонимно, испратете ја понудата во приватна порака.
Аукцијата е отворена до 01.11.2024 година и ја нуди можноста да бидете дел од оваа хумана мисија и да добиете уникатен фустан кој носи дух на фестивалот и детската радост!
-Ви благодарам на поддршката и љубовта!, заблагодари младата шармантна пејачка од Штип, инаку студентка на Музичката Академија во овој град, на која ова и беше второ учество на славниот фестивал.
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт
Фото: Perfect wedding и Градинка Астибо