Малеровата Петта симфонија со оркестарот на Филхармонија

Овој четврток, 13.04. 2023 година, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе маестралната
Симфонија бр.5 од австрискиот композитор Густав Малер. Концертот е насловен „Благден“, а диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски.
Симфонијата бр. 5 на австрискиот композитор Густав Малер (1860 – 1911) е безвременско ремек- дело кое совршено ја отсликува неговата мисла „симфонијата е како светот, во неа треба да има сѐ“. Живот, љубов и смрт.
Почнува да се развива од темно место, со
посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа
симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став е класично љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот – како чаша шампањ. Симфонијата е напишана во периодот меѓу 1901 и 1902 година. Премиерно била изведена на 18 октомври 1904 година во Келн. Реакциите на публиката биле млаки. Диригирал самиот композитор, а по премиерата изјавил: „Никој не ја разбра. Би сакал да ја водам изведбата на ова дело педесет години по мојата смрт“. Мрачниот тон што провејува како
постојан фон е последица на проблемите
со здравјето кои Малер ги имал во 1901 година, кога за малку ќе умрел од внатрешно крвавење. Оваа блиска средба со смртта била инспирација за да ја напише Петтата симфонија. Петтата
симфонија на Малер можеби ги збунила
своите први слушатели, но денес таа има иконографски статус во историјата на
музиката. Популарноста на ова симфониско дело меѓу пошироката
публика, во голема мера се должи на
неговиот четврти став– Адаџето, кое
режисерот Лукино Висконти го употреби
како музичка илустрација во својот
филм „Смрт во Венеција“ од 1971 година.
Истиот фрагмент од Симфонијата, под
диригентската палка на Леонард
Бернштајн се свирел и на погребната
церемонија на Роберт Кенеди во 1986
година. Токму затоа Адаџетото емотивно
се врзува со „превезот на смртта“,
иако суштински е инспирирано од
љубовта. 
Вања Ѓумар Николовски се школува во
Скопје, каде што на Факултетот за
музичка уметност во 1992 година
дипломира на Одделот за диригирање
(класа на проф. Фимчо Муратовски), а во
1993 година на Одделот за композиција
(класа на проф. Властимир Николовски).
Во 1995 и 1996 година специјализира
диригирање во Санкт Петербург, на
конзерваториумот „Николај Римски
Корсаков“, во класите на Илија Мусин и
Михаил Кукушкин. Во овој период активно
соработува со Јури Темирканов и Валери
Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски. Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската
радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и
др.), а Македонската опера и балет е
неговата матична куќа. Остварува и
голем број настапи во странство: Санкт
Петербург (Русија), Белград (Србија),
Виена (Австрија), Порто (Португалија), а
подоцна и низа настапи во САД (Феникс,
Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…).
Паралелно со ова, активен е на полето на
музичкото творештво, а неговите дела се
изведуваат на „Денови на македонската
музика“, „Охридско лето“, средбите на
музичките академии од поранешна Југославија. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази.
За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци– минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.