„Македоникум“ изведен во Загреб

7.19.2024
Во македонскиот Културно- информативен центар во Загреб, Хрватска, вчеравечер беше претставен проектот „Македоникум“ со музика од Давор Јордановски во изведба на „Ин медиас рес“ при уметничкиот центар „Полифонија“ од Скопје.
Пред концертот се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, и амбасадарот на РС Македонија во Хрватска, Н.Е. Милаим Фетаи, кои истакнаа дека со овој настан официјално започнува зимската сезона на програмата на КИЦ, која ќе биде исполнета со многубројни културни настани во интерес на продлабочување на културните врски меѓу Хрватска и Македонија и подигнување на нивото на културната дипломатија на Македонија.
Концертното претставување на овој проект беше уникатен спој на врвни македонски изведувачи и музика напишана во класичен стил каде што се комбинираат културни музички влијанија од повеќе делови на светот со познати македонски мелодии.
Во Загреб настапија: Сања Шуплевска – виолина, Марија Јаќимовска – флејта, Сашка Стојанов Крстиќ – виола, Орце Ицковски – фагот и Давор Јордановски – пијано.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.