На 68. издание на фестивалот Евровизија, кој ќе се одржува од 7 до 11 мај во Малме, Шведска, Македонија ќе биде застапена на заедничкиот состанок на ИНФЕ мрежата, преку својот клуб и претседателката и новинарка Валентина Ѓоргиевска Парго.
Ексклузивно како новинарка Валентина ќе известува за нашиот портал КулАрт и за австралиското радио за Македонците во Сиднеј, Скидроу, во емисијата на уредникот Симе Георгиевски – Бричот.
Денеска таа отпатува во Малме а на скопскиот аеродром имаше и свечено испраќање од страна на светски познатиот уметник и Нобеловски кандидат Живко Поповски Цветин, шаховската легенда Димитар Илиевски, познатиот поет од ДПМ Горан Анчевски и пилотот Стево Стефановски, сите добитници на Цветинова награда за мир, кои ѝ посакаа среќен пат и успешна работа, со цветни цртежи и пораки за мир од Цветин.
Македонската телевизија оваа година, како и минатата, не се вклучи во фестивалот со свој претставник, но во годините во иднина сигурно е дека на оваа сцена повторно ќе се слушне македонската песна со некој од нашите изведувачи.
“Со убавината на песната и цветот, ќе го спасиме светот” е мотото на македонскиот клуб, кое е во коавторство на Цветин, Анчевски и Парго и со кое таа таму ќе им ја пренесе пораката од нашиот и годинешен Нобеловски кандидат, во земјата од каде потекнува и самиот основач на наградата, Алфред Бернхард Нобел.
(Ексклузивен спонзор на патувањето е Т.А. “Џина Брага”- Сиднеј)