“Слатка слобода”, во македонска верзија и “Sweet freedom” во англиска верзија, е новата песна на Лидија Кочовска, објавена неодамна.
Една од најдобрите интерпретаторки кај нас сними песна со својата долгогодишна соработничка, текстописецот Маја Павловска – Маја Ангел, на музика и аранжман на Александар Чекреџи.
Придружните вокали ги пеат самата Лидија и Марија Димитријевиќ.
Аудио продукцијата е на Златко Симионски- Зеле – „Дореми продукција“.
Видео и направи Бобан Давко – „Facelook“
Според времепловот на Маја, тие две уметнички имаат повеќе соработки.
-Со Лидија Кочовска имам повеќе соработки до сега јас, како автор на текстови, и таа, како позната интерпретаторка. На мој текст досега ги има испеано “Божји патеки”, музичка композиција повторно на Александар Чекреџи, на Скопски фестивал во 2011 и освои награда за интерпретација “Тоше Проески”… Потоа, за макфестовската “Љубов недозволена” во 2014 музиката и аранжманот ги создаде Ѓоко Мишковски. “Сонце низ облаци” Лидија Кочовска ја испеа во дует со Маријан Стојановски, на “Скопски фестивал 2014”, за тој мој текст музика направи Трајче Ставрески а аранжман Љупчо Трајковски- Фис. А “Болна вистина” е мој автобиографски текст, на песна на Горан Алачки…Беше за прв пат промовирана на “Интерфест – Битола 1992”, за која добив награда за текст, но Лидија ми направи прекрасно изненадување, ја сними во студио кај Златко Симионски – Зеле и ми ја подари за мојот роденден во 2019. Таа мошне успешна поп пејачка сега и дава музички живот на мојата најнова тема, за која се надеваме дека пораката во песната, полна со љубов и светлина, ќе ги допре срцата на сите љубители на слободата, вели Маја.
Маја Ангел е позната мултимедијална уметница, таа живее во Утрехт, Холандија. Чекреџи е плоден автор кој живее и твори во Стокхолм, Шведска. Лидија е наша позната пејачка, вработена во Хорот на НОБ, ќерка на славното дуо Панче и Невенка од “Мањифико”. Песната “Слатка слобода” ја снима по подолга пауза.