Култренинг- работилница за кореографија „Sensitive Body“ со Тереза Лазарев во МКЦ

 

ЛОКОМОТИВА – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата ве кани на втората КУЛТРЕНИНГ/Работилница за кореографија „Sensitive Body“ со Тереза Лазарев во Младински културен центар. Работилницата е отворена за учесници со или без танцувачко искуство.

Пријавете се на [email protected] најдоцна до 17.10.2022, бројот на учесницни е ограничен.

Работилницата „Sensitive Body“ водена од Тереза Лазарев е составена од три танцови сегменти:

1) отелотворување

2) практикување/вежби

3) споделување

Преку работа со разни слики учесниците на работилницата заедно со Тереза ќе креираат простор во кој ќе се обидат да станат свесни за своите модели или шеми на движење, оставајќи простор за креирање на нови. Преку самостојна работа, со партнер или во група, учесниците ќе осознаваат како може да се игра со допирот.

Некои од прашањата кои оваа работилница сака да ги постави се:

Како да се биде свесен за старите навики на движење и како да се искреираат нови? Како да се зголеми сопствената сензитивност кон друго тело?

На крајот од работилницата, учесниците ќе работат на конкретна задача, при што ќе бидат охрабрени да го споделат наученото со групата. Целта на оваа работилница е да се изгради средина во која ќе може да се танцува, истражува и размислува заедно.

Тереза Лазарев е танцова уметница која работи во полето на современиот танц. Тереза завршува академија за современ танц под менторство на Рисима Рисимкин на Универзитетот „Гоце Делчев”- Штип. Додека учи таа танцува како стажант во многу продукции на Скопје танцов театар, и има соработувано со кореографите: Александра Петрушевска, Јотам Палед, Матија Ферлин, Лизбет Грувез и други. Тереза има настапувано на фестивали како: Holland Dance Festival во Хаг (Холандија), Share во Братислава (Словачка), Silk Road во Пекинг (Кина) и други. Тереза моментално живее и работи во Скопје и Куманово, Република Северна Македонија.

*****

Работилницата е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива реализиранa во соработка со Младинскиот културен центар.

Тимот на Локомотива го сочинуваат програмскaта директор Биљана Тануровска Ќулавковски, проектната менаџерка Благица Петровска, програмските координаторки Зорица Зафировска и Емилија Чочкова и администраторката Ѓурѓица Христовска.

Програмата Култренинг е креирана од Локомотива и поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.