ВО НЕДЕЛА НА ГОСТИ: Треба храброст за да изедеш сендвич кај Лаки!

Едно од најсигурните места на кои можете да се потпрете во секое време / невреме несомнено се кафанчињата на автобуските станици.

И уште и ако ги бие глас на гостопримливи и пријателски, тоа место уште од прва ќе ви стане и омилено катче, кога и да патувате некаде или од некаде, а и било кога.

Едно такво ретко срдечно и пријателско во Скопје, е кафанчето кое со децении работи нон- стоп 24/7 на самиот влез/излез на главната автобуска станица, или како што се шегува самиот сопственик- затвораме недела во 6 часот по полноќ, а отвораме во понеделник во 6 часот изутрина.

Токму тоа и го направивме, сега е недела 8.12.2024 година речиси 23 часот и ние дојдовме и го посетивме ова место, каде може да седнете и да добиете подготвен топол сендвич во секое време, да нарачате за дома, местото кое неофицијално се нарекува “Кај Лаки” (официјално “Тексас” и е главно познато како место за пријатни кафе- седенки.

-Повелете. Ова е собиралиште на убави луѓе. Овде не се доаѓа само за јадење, се доаѓа за кафе муабет, се доаѓа за сендвич со вкусна плескавица, некое стекче со мезе и со ладно пиво, и за долги муабети, е горд на својот бизнис сопственикот Светозар Филипов, инаку според титула и образование универзитетски професор кој признава дека оваа професија многу повеќе го привлекува, најмногу заради слободата и средбите со пријателите од различни профили и затоа ја одбрал под “а”, а сѐ друго понатаму…

– Тука не се зема само по еден сендвич за од “на нога” или на брзински на маса, се земаат по повеќе. И се останува подолго. На пример, не ретко се случува ова време па и во 2 во 3 наутро да се јават граѓани, семејства или друштва да нарачаат до десет па и повеќе сендвичи, да им ги подготвиме па да дојдат да си ги земат, а ако сме во можност ќе им ги однесеме и ние. И тоа не само од околинава, од цело Скопје, ни ја (до)претставува својата работа Филипов.

Причината за да се биде нивни редовен гостин и клиент, а не само случаен патник- поминувач, всушност се повеќето причини.

За кафето дека е од најквалитетните, се увериле тие што свратуваат, а и ние, најквалитетно “Лаваца”, а за Нескафето кога прашуваме “што е тоа што му го дава вкусот?”, ни вели – “љубовта со која го подготвуваме”. Турското кафе пак се прави со мерак, во мали ѓезвенца. Мераклиски и домаќински.

Екипата не е огромна, станува збор за сѐ на сѐ шестмина кои работаат во три смени во кујната, но бевме љубопитни и прашавме за целиот процес на работа и организирање.

Еве што дознавме.

Филипов, сам ги подготвува сендвичите односно смесата, ја меле на најситно, ја зачинува, и рано наутро ја предава на тимот во сендвичарата. И тоа секое утро со свежо набавени состојки. Сѐ прават сами, дури и мајонезот и зачините, освен лепчињата кои ги нарачува од сигурна пекара. Но, тајните на зачините кои ги става, а го прават бургерот екстремно вкусен, вели дека се тајна која останува за него, а можеби и ја донел од странство каде живеел неколку години.

– Секој сендвич кај нас е оброк сам за себе. Луѓето си доаѓаат овде, сфаќаат дека со квалитет сме на највисоко ниво, а со цените во однос на големината на сендвичите, сме најприфатливи. Гледаат дека кај нас тежината на бургерот оди и до 90 отсто поголем, отколку во другите сендвичари. Гостинот го добива тоа што го плаќа и многу повеќе од тоа. Всушност, кај нас за една плескавица во грамажа добива што и две, на друго место. Имаме најголема грамажа, речиси по две плескавици се во една. Огромни се нашите сендвичи.Верувајте ми, треба храброст за да се изеде сендвич “Кај Лаки”. Ние не правиме модерни сендвичи, правиме класика и секој сендвич е доволен за да те најаде. А некој и за да те прејаде. Модерните “Мекдоналдс варијанти” не ги почитуваме, ни оние таканаречени модерни јадења за “шмизла генерации”. Ние сме за принципот ” како кај баба и дедо”, највкусно, најбогато и од срце. Сендвичите се мои гастрономски иновации, се прават по мои рецепти. А најголема предност ни е квалитетот. И сигурноста во набавката. Сѐ што се набавува се троши истиот ден. Секој ден се врши нова набавка, од зеленчук па сѐ до месо. Нема замрзнато месо, нема месо од вчера. И затоа труење кај нас не може да има, уверува Филипов.

А, кога ќе го отворите менито ви намигнуваат дури 15 видови на бургери, пилешки крокети, криспи топчиња, тост со кашкавал гауда и квалитетна салама, а за вегетаријанци веге- тост со кашкавал. Ама пак окото ќе ви од кон бургерите, и бидете сигурни нема да можете лесно да се одлучите за кој од нив и ќе сте нестрпливи додека ви го донесат. А тоа брзо оди.

Се чудите ли зошто досега не сте слушнале нешто посебно за ова место?

– Нас не ни треба вештачка реклама, гласот на гостите е доволна реклама. Прашајте нека ви каже што мисли некој што пробал “Тексас бургер”. Тој е еден од најголемите, што значи сендвич со две плескавици, помфрит, кашкавал, печурки, павлака, салата- не за да се најаде, ами за да те прејаде. Но “Тексас” не е сѐ…Круна на понудата е Лаки сендвич! Во него има по две големи плескавици од најквалитетно месо, како за сите бургери, и плус обемен помфрит, повеќе видовисалати, мајонез, преливи и зачини. “Лаки сендвичот” е вистинска гастрономска среќа за тој што го нарачува. Во овој сендвич како и во сите други се користи најквалитетен гауда кашкавал. Треба храброст за да се изеде овој голем сендвич!, нагласува Филипов.

Сендвичарата која сега се вика “Тексас бургер” наскоро пак ќе си го врати името ” Кај Лаки”, и од следната година, 2025, новина ќе бидат палачинките, како солено јадење, но и како десерт.

Ама зашто ви раскажуваме кога можете и сами да наминете, кога сакате, да се нахраните здраво квалитетно и поволно…а притоа и кафето да си го испиете ќејфлиски, на автобуска “Кај Лаки”, еве и вака доцна во ноќта на тишина, а вашите муабети да немаат крај.

Пред да се поздравиме домаќинот повторно нѐ покани во било кое време, а и во било кое време можете да го најдете таму ако сакате да го запознаете или за помуабетите со него на било која тема и да не ви се станува, и да ви каже како и зошто од еден поранешен претседател, негов личен пријател го добил прекарот Арамбаша, и разни други анегдоти.

И за крај пак ни порача во неколку зборови:

– Овде се доаѓа за сендвич, за добро еспресо Лаваца и за: муабет, муабет, муабет што ќе ти легне на срце!

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.