“Концертот “Корени, цутови, плодови” врежа чувство на прецедена музичка убавина која не се заборава и лекција вредна за во учебник…”
Штип, 18.12.2024
На Музичка Академија на Универзитет „Гоце Делчев“во Штип на 18.12. 2024 година се одржа концерт на традиционална инструментална музика, насловен “Корени, цутови, плодови”, на студентите од класата по Народни инструменти на проф. м-р Марјан Јанкоски.
Во таа пригода во концертната сала на Музичката Академија, со почеток точно напладне, се случија две важни работи- маестрален етно- концерт кој што ќе остане врежан во најпрекрасно сеќавање кај присутните и желба за поскоро повторување на истиот, и, лекција за тоа како изгледа едно темелно, студиозно и успешно школување на свои студенти, од професор кој важи за репер во однос на целокупната своја методологија за тоа како се негува, чува и продлабочува исконската музичка традицијата на еден народ, во најчиста и најискрена форма.
Иако концертот се одржа во термин кој мнозинство луѓе не можеа да го посетат поради работни и образовни обврвски, снимките кои ќе бидат поставени на Јутјуб каналот кај професорот ќе откријат за каква виртуозност стануваше збор.
Не случајно и самиот концерт е сместен во еден циклус од низа концерти, насловени “Виртуозо”.
-Репертоарот кој го изведовме на нашиот концерт, претставува стандарден репертоар кој е дел од наставната програма во наставата по Народни музички инструменти, во Модулот кој го предводам. Целта е, студентите, најпрвин, да се запознаат со автентичниот стил на изведба на секој од инструментите кој го изучуваат како соло инструмент (гајда, кавал или тамбура), а понатаму и на заедничкиот, односно, како тие функционираат во пракса, во оркестар од народни инструменти. Секоја година внесувам одредени новитети на концертите во кои сме вклучени, вели професорот Јанкоски.
Изведени беа темите “Кумановско”, “Китка”, “Потрчано”, “Единаеска”, “Доце, Доце”, “Невестинско”, “Старо тешко”, “Баба Ѓурга”, “Женско”, “Осумка”, “Драчевско женско”, “Сплет”.
-Овој концерт кој го насловивме “Корени, цутови, плодови” за цел имав поставено две работи. Прво, студентите да ја имаат личната одговорност кон тоа што го научиле и постепено солистички (еден по еден), да влегуваат на сцена и да го формираат оркестарот, а со тоа да ја градат кулминацијата на композициите. Второ, нестандардната употреба на една од тамбурите.
За ова посебно беше задолжен професорот, кој беше на сцената со своите студенти, свирејќи на тамбура.
Всушност, енергијата која ја даде професорот во поглед на хармонското обојување на мелодиите, шареноликоста на ритмичката функција која беше доста богата и инвентивна, и удвојувањето на мелодиите во друга октава, само го потврди фактот дека професорот мора да биде вистински пример од кој треба многу да се учи. Токму тоа го стори професорот м-р Марјан Јанкоски, кој заедно со своите студенти и оставија на публиката музички моменти на кои долго ќе се сеќава.
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.