Калиопи во Крива Паланка: Чувствувам како да летам над подот, тоа ми го дава музиката и публиката!

25.08.2024

“Навистина не очекував ваква убавина, во оваа мера, затоа што беше нешто посебно. Пречекот беше толку топол и срдечен, исполнет со почит, што ми беше прв знак дека ме чека нешто многу големо и многу убаво, што вечерва и се потврди. Публиката беше фантастична и во моментот не можам да чувствувам ништо друго освен благодарност”, изјави Калиопи по настапот на 11-то издание на музичкиот фестивал „Џој фест“ во Крива Паланка.

Музичката поп икона Калиопи, со својот настап на Градскиот плоштад во Крива Паланка, енергијата и неверојатна поврзаност со публиката направи неверојатен музички спектакл, преполн со топлина и искрени емоции, што остави силен впечаток кај сите нејзини фанови. И после 40 години музичка кариера, оваа музичка дива неприкосновено владее со сцената, а страста, динамичниот и жив настап , како што вели самата, доаѓа од љубовта, од публиката.

Признава дека навистина е потребна енергија да се издржат два часа со тоа темпо и интензитет на репертоар, зашто самиот концепт на отворено е динамичен и преовладува со огромна количина на емоции , ритам, песни кои се содржајни, но некои од нив многу тешки за пеење. Но публиката, како што вели, секогаш одново ја потсетува дека нема ништо тешко тука, туку само убавина.

„И во тој момент чувствувам како да сум неколку метри над подот, затоа што музиката и публиката ми го даваат тоа чувство, да бидам она што сум. Секогаш имам чувство дека без оглед на годините и на патот што сум го поминала, нешто ново ме чека на овој пат,“ вели Калиопи.

Иако се уште на почетокот на промоцијата, публиката во Крива Паланка веќе ги пееше и новите песни од последниот албум на Калиопи, насловен „Албум“.

„Кога ги свириме новите песни во живо, го чувствувам вниманието на публиката и тоа е неверојатно. Ова е трет концерт во Македонија каде што ги претставуваме песните од новиот албум и чувствувам дека со Ромео сме направиле повторно нешто многу убаво и сега ги жнееме успесите од тоа“, истакна Калиопи.

Настапот на музчката дива на Џојфест во Крива Паланка беше многу повеќе од добар концерт. Тоа беше празник на љубовта и емоциите што Калиопи и нејзината публика ги делат. Со енергијата и страста што ја внесува во секој настап, Калиопи продолжува да го освојува срцето на својата публика и да создава незаборавни моменти.

На втората вечер на “Џој фест” настапија и музичките групи “Кисити”, “ПарамПашчад” и “Бубњиви и Пси” од Црна Гора, а најновото 11 издание на овој музички фестивал го потврди неговиот издржан концепт на промоција на добра музика и забава.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.