(од архивата на Златко Ангелески)
3.09.2024
Мултиталентираната македонска поп дива Калиопи Букле (родена како: Калиопи Буклеска и Калиопи Грил) вчера упати роденденска честитка до својот композитор и поранешен сопруг Ромео Грил, по повод неговиот роденден.
Со Ромео во тандем, но и како група “Калиопи” во осумдесеттите години стана позната на екс-југословенските простори каде врвот на кариерата го достигна во осумдесеттите. Нејзините почетоци датираат од 1976 година и “Златно славејче” каде ја испеа песната Мојата учителка. Потоа, Калиопи го продолжува својот пат кон славата преку учеството во хорот на Запро Запров “Развигорче”, со кој учествува на бројни турнеи во Чехословачка, Словенија, Австрија, во периодот од 1978 до 1980.
Се приклучува во класата на Марија Николовска и четири години изучува соло пеење. Соло пеењето ќе биде и нејзин академски избор со запишувањето на Музичката академија во 1984, во класата на Благоја Николовски.
Калиопи го освоила трето место на Југословенскиот натпревар во соло пеење во 1984, каде настапила како најмлад пејач на класична музика.
Својата посериозна музичка кариера ја започнала во бендот “Калиопи”, заедно со авторот Ромео Грил. Своите први две песни – “Томи” и “Немој да ме будиш”, бендот ги снима за Македонското радио. Во почетокот, групата била ориентирана кон реализација на повеќе фестивалски настапи со цел успешно да се промовира на широкиот југословенски музички пазар.
Првиот успешен југословенски хит кој произлезе од работата на оваа група беше “Лео”, чиј автор е познатиот македонски композитор Глигор Копров. Со оваа песна, на фестивалот “Опатија 1985” Калиопи ја добива наградата за најдобра интерпретација од страна на акредитираните југословенски новинари. Истата година, групата го добива првото место на “Видео спот фестивал” со песната “Лето е авантура”. Исто така, тие беа претставници на Југославија на Меѓународниот средоземен фестивал во Тунис, каде освојуваат второ место.
Следната година, бендот го објавува својот прв албум со наслов “Калиопи”. Истата година учествува и на најреномираниот “Сплитски фестивал” со песната “Да море зна” и добива награда за најдобар деби-изведувач на фестивалот, а самата песна е прогласена за една од најслушаните. Во 1986, групата повторно добива прва награда на Видео спот фестивал со песната “Остани во мене”.
Вториот албум “Роѓени” излегува во 1987 година. Албумот се снима во Загреб и содржи девет дотогаш необјавени песни, меѓу кои и југословенскиот мегахит “Родени”(Бато) на кој денес се гледа како еден од апсолутно најголемите хитови во рамките на поранешната Југославија, а компониран е од Ромео Грил. За неа е снимен и музички спот, режиран од Антон Марти.
Овој период од кариерата на Калиопи беше обележан со бројни награди меѓу кои: награда “Млад Борец” (1986), награда на “Вечер” за најпопуларно ТВ лице (1986), награда на “Нова Македонија” за најдобар изведувач (1986), награда на “Екран”, за најдобар поп пејач во СФРЈ и Македонија (1986) и други.
По успешната промоција на многубројните фестивали, бендот објавува дека повеќе нема да има национални фестивалски учества. Единствен исклучок беше Југословенскиот Евровизиски избор во 1988 година, каде се претставија со песната ” Емануел” и освоија 10-то место.
Во време на својата најголема популарност, Калиопи и нејзиниот поранешен сопруг и основач на групата, Ромео Грил, заминуваат во Швајцарија, со што групата се распаѓа и следува 10 годишна пауза и прекин на нивната активна музичка кариера, но сепак цело време се присутни на електронските медиуми во Македонија со своите дотогаш снимени аудио и видео материјали. Од официјалниот распад на групата во 1988 година, Калиопи одржа само соло концерт во Универзалната сала, во декември 1988 година, но како соло изведувачка одржа низа концерти потоа.
Калиопи во полн сјај се врати на македонската музичка естрада во 1996 година. Нејзиниот настап на Скопскиот фестивал со песната “Само ти”, за која освои Grand Prix, беше најава за големо враќање на естрадата.
Македонската забавна музика во тој период продукциски сѐ уште беше во зародиш, па враќањето на Калиопи означуваше голем чекор напред во тој правец. Таа година, Калиопи како победник на фестивалот од кој се одбира македонскиот претставник на Песна на Евровизија, требаше да ја претставува Македонија на овој избор, меѓутоа поради наметнати контроверзни правила во полуфиналето, таа не успеа да се претстави на евровизиската сцена.
Во 1997 година, Калиопи освои Grand prix на фестивалот за забавни мелодии Еврофест, со песната “Не плачи”. Следната година, таа повторно учествуваше на македонскиот избор за Песна на Евровизија, со песната “Не заборавај” и заврши на 9 место.
Во декември 1998 година, Калиопи го објави својот прв соло албум (а трет во целокупната кариерата) Обои ме. Албумот беше снимен во Базел, Швајцарија и предизвика вистинска еуфорија во Македонија. Овој албум успеа да придобие генерациски различни почитувачи на Калиопи, бидејќи понуди нови и автентични песни, кои наидоа на широк прием кај публиката. Песната “Обои ме” прерасна во огромен хит, кој високо котираше на сите топ листи.
Во овој период, Калиопи го круниса својот успех со неколку освоени награди: Буба Мара за најдобра пејачка за 1999 и 2000, како и 12 Величествени за најдобра пејачка и најдобар албум (Обои ме) за 1999 и 2000 година. Во јануари 2000 година Калиопи ја започнува својата промотивна турнеја и го пушти новиот сингл од албумот “Дај да пијам”, заедно со видео спот. Истата година, таа основа своја сопствена продукциска куќа- Kaliopi Music Production, која се занимава исклучиво со проекти врзани со работата на Калиопи.
Од 2000 година, наваму таа царува на сцената.
Македонија на Евровизија ја претставуваше во 2012 година во Баку со песната “Црно и бело” чиј автор е Ромео Грил, со која се пласира во финале и остави многу силен впечаток. На Евровизија 2016 се претстави со песната “Дона” но се пласира во финале.
Кариерата на Калиопи во меѓувреме е доста позната, во пошироки рамки. Таа е автор на текстови, на музика, интерпретаторка, компонира музика за балет, филм и театарски претстави …сѐ што прави индивидуално е успешно.
Но, со Ромео Грил, со кого го имаат и синот Пако, соработуваат и ден денес. Иако тој цело време живее и твори во Швајцарија, за потребите на нејзината кариера и промоција секогаш е тука и доаѓа. Нивното меѓусебно почитување создава големи хитови…