Скопје, 10 декември 2023
Задоволство е да се слуша репертоарот на “Леб и сол” во секоја прилика, а посебно во концертна и свечена како онаа синоќа во НОБ, кога маестралните македонски џезери направија фраерско расположение и мирна саботна “пред-спиенка”.
Во некое лежерно темпо во џез адаптација беа изведени “Деветка”, “Дикиева игра”, “Мамурни људи”, “Таласна дружина”, “Мандарина”, “Скакава”,”Нисам твој”, “Носим твој жиг”, “Ребус”, “Песма о Соњи Х”… “Скопје” и на бис повторно славната “Деветка”, која е варијација на етно темата “Со маки сум се родил јас”.
Во аранжманите на композициите учество имаа џезерите Сашко Николовски, Владимир Николов, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, но и самиот член на најславната македонска група Кокан Димушевски.
Маестро Џијан Емин беше и диригент на концертот,кој се снимаше и ќе биде и на телевизија, а самиот се пошегува дека “Публиката не мора да се смее на сѐ што тој кажува на сцена,и дека во следниот живот ќе се роди како кловн”…
Посебен шмек му даде изведбата на неколку нумери од страна на специјалната и навистина извонредна гостинка Евгенија Чанчаловска, која ја видовме на сцена по подолга пауза.
Од првиот концерт базиран на репертоарот на “Битлси”, до синоќешниот на “Леб и сол”, поминаа седум години а џезерите од Здружение станаа институција.
Претседателот Гоце Стевковски на почеток на микрофон изрази задоволство што и првиот и последниот концерт како Здружение го одржале на истата сцена (другите ѝм беа во салата на Филхармонија н.з.), и дека од наскоро почнуваат од ново ниво, како оркестар- институција.
Тие се дефинитивно, новата македонска музичка “звук и светлина”.
Валентина Ѓоргиевска Парго