Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија, ќе го одржи концертот насловен „Вида” на кој како солист ќе настапи виолинистот Владимир Костов. Гостин на концертот е чембалистката Цветанка Созовска. На програмата се дела од Корели, Вивалди, Порпора и Рихтер.
Арканџело Корели (1653-1713) е италијански композитор и виолинист кој живеел и создавал во периодот на музичкиот барок. Неговиот опус е многу важен за развојот на модерните жанрови и форми, посебно во дефинирањето на сонатната форма и концертот, но и детерминирањето на техничките перформанси на виолината како инструмент. Кончерто гросо во Де-дур, опус 6, број 4 е четвртиот концерт на Корели од збирката „Дванаесет кончерти гроси оп.6″ кои ги издал во 1714 година. Овој концерт е еден од највпечатливите, заедно со бројот осум, кој е насловен „Божиќен концерт”.
Антонио Вивалди (1678-1741) е еден од водечките италјански композитори во ерата на барокот. Тој е современик на творештвото на двајцата германски магови на барокот – Ј.С.Бах и Хендл. Пишувал црковна музика и создал повеќе од четириесет опери, но,
најмногу е познат по музиката напишана за гудачки оркестар, во која спаѓаат и антологиските „Четири годишни времиња”, сет од концерти за соло виолина и оркестар. Сетот виолински концерти насловени „Натпревар меѓу хармонијата и инвенцијата” (Il cimento dell’armonia e dell’inventione) Вивалди го завршил во 1725 година. Овој сет бил составен од 12 концерти, но првите четири станале толку познати, што честопати се заборава дека постојат уште осум. Првите четири се интегрирани во најпознатото дело на
Вивалди – „Четирите годишни времиња”, а останатите концерти најчесто живеат во „сенка” на нивните попознати „браќа”, и поретко се изведуваат на сцената. На три од преостанатите осум концерти, Вивалди им дал еднакво инспиративни наслови. Вивалди напишал стотици концерти за време на неговата исклучителтно потентна кариера, но оние на кои има дал некаков програмски наслов, привлекле најголемо внимание кај јавноста. Концертот број 5 во Ес-дур насловен „Морска бура” ( La tempesta di mare) е прилично краток, дури и за стандардите типичини за Вивалди, но во него е „спакувана” прилично масивна количина на инвенција и колортиност. Иако е помалку познат од „Четирите годишни времиња”, „Морска бура” е создаден од еднакво возбудливи музички елементи и плени со својата виртуозност и звучна колоритност. Кончерто гросо во де-мол, опус 3, број 11 е напишан за стандарна трио соната група (две виолини и чело), гудачки оркестар и континуо кој бил стандардна придружба во барокната музика.
Никола Порпора (1686-1768) е италијански композитор и професор по пеење, кој живеел и работел во периодот на музичкиот барок. Меѓу неговите најпознати студенти по пеење се кастратите Фаринели и Кафарели, како и композиторот Јозеф Хајдн.
Аријата „Alto giove” е сегмент од неговата опера „Полифермо”, исклучително музичко- сценско дело во кое ги поместил границите на статичната опера серија и нејзините конвенции со употреба на послободна структура која е во расчекор со ригидната музичка
формула која се користела за пишување опери во тоа време.
Концерт за виолина ,,Il grosso mogul ” во Де-дур е едно од раните дела на Антонио Вивлади. Околу средината на 1710 година Јохан Себастијан Бах го транскрибирал овој концерт за оргули во Це-дур. Насловот на концертот, најверојатно, како што сугерираат
историчарите е извлечен од либретото за истоимената опера, напишано од Доменико Лали.
„Вивалди – Четири годишни времиња – рекомпонирани” од современиот британски композитор Макс Рихтер (1966) е дело во кое се ресоздава и реинтерпретира најпознатото дело на познатиот италијански композитор. Иако Рихтер изјавил дека зачувал 75 отсто од оригиналниот материјал на Вивалди, во останатиот дел од ова антологиско дело тој ги вметнал своите творечки специфики кои се инспирираат од постмодернизмот и минимализмот.
Владимир Костов (1975) е роден во Битола каде што го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришипенко и др. Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар му се нуди неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Националниот Арт Центар Отања, Линколн центарот, Харвард Универзитетот, Берлинската филхармонија, Келнската филхармонија, Концертхаус Берлин, Концертхаус Виена, во Шанија, Полска, Кина… Настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа”, Камерното студио за барокна музика „Бахус”, квартетот „Бревис”, основач е на клавирското трио ,„ВАМ”, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика „Кон Темпора”. Владимир Костов постојано посетува и мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи” Квартет (Шведска), „Артемис” Квартет (Германија) и Квартетот „Миро” (САД). Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест”. Моментно работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Филхармонија: „Вида” со виолинистот Владимир Костов
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.