В недела (15 октомври), во рамките на фестивалската „програма-плус“ на 42. Скопски џез фестивал, вo Кино Фросина, со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани две врни документарни филмски остварувања од областа на џез музиката.
ART PEPPER: NOTES FROM A JAZZ SURVIVOR
(АРТ ПЕПЕР: БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН ПРЕЖИВЕАН ЏЕЗЕР)
Документарен филм, 1982
Режија: Don McGlynn
Со: Art Pepper, Laurie Pepper, Milcho Leviev, Bob Magnusson, Carl Burnett
Времетраење: 48 мин.
Еден од најдобрите џез-документарци на сите времиња, за еден од најголемите и најфасцинантните музичари во светот на џезот. Саксофонистот Арт Пепер (1925-1982) поседува џез-биографија како од холивудските филмови. Неговиот неверојатен талент му обезбедува врвни свирки како тинејџер, но дрогата и придружните криминални активности го изместуваат од тој колосек практично во целиот тек на 1960-тите и во раните 1970-ти години. Овој документарец, снимен кратко по објавувањето на неговите брутални мемоари “Straight Life” (1979), го прикажува Пепер во полн сјај, комплетно прероден и освежен. Низ искрените интервјуа, тој се навраќа на неговите проблематични бракови, на зависноста од дрога, на затворските казни, но и на среќата да ја запознае својата последна сопруга Лори, артикулирана, сочувствителна заштитничка на нејзиниот грешен сопруг. Благодарение на нејзината посветеност, тој повторно бил во состојба да ги канализира неизмените резервоари на болка, бес и фрустрација во лиричноста на неговото музицирање. Овој трагикомичен филм го прикажува и извонредното трио на Арт, низ селекција од неговите најпознати композиции.
MUSIC FOR BLACK PIGEONS
(МУЗИКА ЗА ЦРНИ ГУЛАБИ)
Документарен филм, 2022
Режија: Jørgen Leth & Andreas Koefoed
Со: Jakob Bro, Lee Konitz, Thomas Morgan, Paul Motian, Bill Frisell, Mark Turner, Joe Lovano, Andrew Cyrille, Palle Mikkelborg, Jon Christensen, Manfred Eicher, Midori Takada
Времетраење: 92 мин.
Music for Black Pigeons е синематичен документарен филм којшто ги истражува животите и работниот процес на некои од најреномираните и најплодни светски џез-музичари, како Јакоб Бро, Бил Фризел, Ли Кониц, Пол Мотиан и Мидори Такада. Филмската екипа изминатите четиринаесет години го придружуваше данскиот композитор Јакоб Бро низ Северна Америка, Европа и Јапонија, документирајќи ги неговите соработки со музичари од различни генерации и националности. Филмот им поставува егзистенцијални прашања на овие влијателни џез-уметници: какво е чувството кога се свири и што значи да се слуша музиката? Како е да се биде човечко суштество што го минува сиот свој живот за да искаже нешто преку звуците? Ликовите се будат, одат на проби, снимаат, настапуваат и зборуваат за музиката. Преку композициите на Јакоб Бро, учесниците во филмот ги истражуваат музичките пространства – и правејќи го тоа, на еден поетски, инспиративен и забавен начин, одговараат на некои од прашањата што ги поставува овој филм.
ВЛЕЗОТ ЗА ДВЕТЕ ПРОЕКЦИИ Е СЛОБОДЕН.
Facebook event:
https://fb.me/e/3ioO7Lak1
Официјалната програма на 42. издание на Скопскиот џез фестивал стартува в четврток (19 октомври) со концертот на Jan Bang & Arve Henriksen: After the Wildfire with Fame’s Institute Orchestra, arranged and conducted by Dzijan Emin.
Повеќе детали за фестивалот: www.skopjejazzfest.com.mk
Инфо за билетите: http://www.skopjejazzfest.com.mk/bileti.asp
Facebook event: https://fb.me/e/2UxdvVwvb