КОНЦЕРТ НА ЛЕГЕНДИТЕ ПО 30 ГОДИНИ: Достоинствено и господско враќање на “Зијан” во МКЦ!

 

Ветено- сторено!

На 7 ноември, 2024 година, на Денот на градот Гевгелија, славните гевгеличани од групата “Зијан” ѝ се вратија на публиката, но на сцената во МКЦ во Скопје, каде одржаа повратнички концерт по цели 30 години.

“Зијан” опстојува 42 години и тоа во истиот состав во кој настапија и овој пат, а тоа се инспиративните рок автори и изведувачи- Апостол Митров на гитара и вокал, Ангел Динев на тапани, Ристо Ќорнаков на клавијатури, Костадин Динев на бас гитара. Со нив на сцена настапија и соработниците Кирил Зарлинов (Ерик Фокс) на клавијатури и Антонио Какров на гитара.

По големата слава со настапите и победите некогаш на гитаријадите во Зајечар, Суботица и по првиот албум “Низводно”(1991), но и по големата пауза, се вратија достоинствено и господски на сцената на МКЦ од каде што почнале, тивко и без помпа, како тивка вода, во стилот на првата нумера која ја изведоа ноќта “Тивка вода”, во која пеат стих што ја отвора песната “Дали знаеш мили брате тивка вода брег што рони, лечи рани за три дена, само време нам ни треба”…

Публиката беше пријатно изненадена од нивната енергија, елан и “наштиманост” со која ги изведоа своите големи хитови, по “Тивка вода”: “Елизабет”, “Каде сте ангели”, “Пријателе”, “Обична песна”, “Без тебе”, а на инструменталот “Низводно” младиот гитарист Филип Динев, синот на Коце, им се придружи како единствен специјале гостин на концертот, на кој потоа беа отсвирени и “Рана”,” Кате сваќе”, “Деца бевме”, “Еј остани”… најпрепознатливата безвременска рок- етно химна која се очекуваше со нетрпение “Пушти коси” и бис повторно со “Еј остани”…

Бендот со трајни вредности направи рок концерт за “сите пари” и нѐ стави во оправдано исчекување дека наскоро пак ќе ги видиме и слушнеме. Само време нам ни треба…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.