Во неделата, на 8 септември 2024 година, „Националниот џез оркестар“ беше дел од централната свеченост организирана по повод Денот на независноста на Македонија- 8 Септември која се одржа во салата на Филхармонија.
Овој пат, оркестарот настапи во еден проширен состав кој вклучуваше музичари од оркестарот на Националната опера и балет со кои долгорочно остварувале преку исклучителна соработка, гости- музичари, како и врвни инструменталисти од Ансамблот за народни игри и песни – „Танец”.
– Благодарни сме и задоволни од остварената соработка со сите институции кои учествуваа во овој проект, а воедно изразуваме и благодарност до Македонската Филхармонија за одличниот прием. На роденденот на Републиката, кој се одбележа во големата концертна сала на Македонската филхармонија, беше исполнета богата уметничка програма која меѓу другото го вклучуваше настапот на Детскиот хор „Пиколо“ при Државното музичко- балетско училиште „Илија Николовски- Луј,“ прикажување на видео спотот „Везилка“, во кој беа интерпретирани стиховите од истоимената песна на великанот на македонската поезија и книжевност, Блаже Конески, како и изведбите на нашиот оркестар, под диригентска палка на маестро Џијан Емин. На сцената како солисти настапија нашите врвни инструменталисти: Кирил Кузманов на саксофон, Зоран Костадиновски на гитара, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на пијано; нашите колеги од Националната опера и балет; членовите на Ансамблот за народни игри и песни- „Танец” со солистите Александар Јовевски, солист на кавал на сите композиции, и Трајче Ристов и Дамјан Зифовски на тапани, како и гостите- солисти на зурли, Андреј Трајковски и Роберт Ангеловски. Сите овие извонредни уметници придонесоа целиот настан да се претвори во вистински музичко-сценски спектакл во кој сите уживавме, велат од НЏО.
Во ваков проширен состав, џез оркестарот изведе четири композиции: „Ој, ти момче Охриѓанче“ од Кочо Петровски, во оркестарски аранжман на Гордан Спасовски; традиционалните песни „Ој, девојче, девојче“ и „Јовано, Јованке“, двете во оркестарски аранжман, овој пат на Емин Џијан, а програмата беше заокружена со една од култните композиции на овие простори- „Македонија“. Автентичниот аранжман на оваа композиција го направи Гордан Спасовски, а она што им даде посебен шмек на изведбата беше уделот на сите наши колеги – музичари, што беше наградено од публиката со долготрајни аплаузи, додаваат од оркестарот.
Уште еднаш, да ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Македонија! Се надеваме на уште многу успешни соработки и настани за паметење и во иднина!
(Текст и фото- оригиналната ФБ страница на Националниот џез оркестар)