БОБАН АПОСТОЛОВ: Признавам само свој личен белег и нови песни!

-Никој не ме спречува да бидам дел од големо балканско шоу, но решив да направам нешто свое и со тоа да ја изненадам мојата публика многу наскоро!
Вака размислува младиот кантавтор од Тетово, Бобан Апостолов, кој ни открива дека изминатиов период бил доста инспириран од своја лична ситуација и направил нова песна која ќе ја реализира.
Вели дека по неговиот пробив на “Канеофест 2015”, му се случила стагнација затоа што тешко се доаѓа до поддршка и спонзори, и апелира малку повеќе истите да ја сфаќаат и поддржуваат македонската сцена. Но, тоа не го спречува упорно да се движи сам кон својата цел, и затоа сега ја најавува својата трета песна, по повод десет годишнината од неговото официјално дебитирање, и открива дека во сите три песни досега тематски провејува иста нота.

– Песната што тогаш ја испеав на “Канео фест” потоа прерасна во хит по некои радио и тв станици. Ми беше предизвик да учествувам на тој фестивал, во јуни, лето господово 2015- то, и кога вечерта за прв пат добив и награда за најдобар дебитант се чувствував како секој млад човек кој го исполнил својот сон во музиката, сметајќи дека тоа е доволно. Песната успешно помина и еве и ден денес е слушана на Јутјуб, а понекогаш некој ќе ја објави на својот фејсбук профил и социјалните мрежи и тоа ме прави среќен. Носеше наслов “Само пријатели”. Пет години потоа, во 2020 година беше уште еден предизвик да создадам нова композиција и мелодија насловена “Нека бидам сам”.

Ако првата песна ја создадов со идеја да содржи текст кој би допрел до секое човечко срце, за двајца што се сакаат, односно за момчето кое всушност ѝ изјавува вистинска љубов на девојка, а љубовта не е возвратена, текстот во втората песна пак се однесува за момче кое само a копнее по љубов. Третата песна која ќе ја објавам наскоро повторно е за осамено момче. Тоа е реалноста на многу млади луѓе, но машки е да се бориш до крај за да ја пронајдеш својата вистинска љубов. Колкумина ќе се пронајдат во тој текст? Верувам многумина. Тоа беше и идејата, ни открива Бобан.
На “Канео фест” учествувал на предлог на познатиот музичар и текстописец од охридскиот крај Здравко Кузески, а бил прифатен од директорот Јован Трпеснки од Тв Морис и другите членови на фестивалот.
– Секогаш кога нешто творам, творам со душа и срце и знам дека тоа само така ќе допирам до луѓето и јавноста… Сакам публиката да биде пред сѐ задоволна од она што јас го работам од моја страна. Песна се создава секако со чисти мисли и мелодија пренесена од срце. А тоа е уметност. Но за да нешто ново дојде до публика потребни се фестивали, како што беше “Канео фест”, фестивали кои би поддале рака на секој еден млад артист и пејач кој ќе има своја нова композиција да ја претстави пред публиката. Јас бев еднаш учесник во реалното шоу на Macedonian idol каде стигнав до вториот круг, а исто бев дел и од шоуто М2 и таму успешно поминав до вториот круг и тоа ми беше корисно искуство. За да се биде дел од српското шоу “Ѕвезде Гранда” треба да си доволно подготвен да дадеш максимум од себе да се претставиш пред нивната публика и жирито. Но тоа не ме спречува можам и умеам да сум дел од “Ѕвезде Гранда”, каде што се издвојуваат многу млади надежи и излегуваат од анонимност, но јас навистина сакам на публиката конечно да ѝ подарам нешто мое, без оглед колку ќе биде слушано. Само својот личен печат е она вистинското и она што останува како творештво, а не изведба на туѓи хитови. Колку и да е песната просечна, добра или одлична, своја си е своја, свои чувства си се нешто посебно, и само таа носи гордост и исполнетост внатре во себе. Но, да не должам со зборови, наскоро, ново музичко продолжение од мене…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.