На 1 октомври (утревечер), во 20 часот во продолжение на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во дворот на кафе книжара „Буква“ ќе бидат одржани две слушачки промоции на едно винилно издание и промоција на компакт диск.
Слушачка промоција на винил изданието со наслов „Крај Вардарот Џез 1“ е компилација од повеќе автори, кои издаваат за дискографската куќа „ПМГ Џез“. Се работи за уште едно винилно издание на дискографската куќа, што јасно говори за посветеноста на „ПМГ Џез“ да ја промовира автентичната македонска сцена.
https://pmgjazz.bandcamp.com/album/kraj-vardarot-jazz-vol-1-va
Винилот e сериозен културолошки феномен, кој ги поставува чинителите на музичката сцена на своите вистински места. Плочата „Крај Вардарот Џез 1“ произлезе од работата на лејблот со артисти од овој нов џез бран. На неа се поместени 8 композиции од: „Светлост“, „Кантон6“, „Сетстат“, „Филип Букршлиев“, „Јордан Костов Квинтет“, „Кобалт Код Јунит“, СД4 и хитот „Бела“ од Сетстат и Мирко Попов. Плочата е залог за една едиција, која „ПМГ Џез“ би сакале да ја надополнуваат еднаш годишно, прославувајќи го постоењето на својот фестивал. „Крај Вардарот Џез 1“, заедно со останатите изданија на ПМГ Џез ќе бидат во продажба по промотивни цени оваа вечер.
Втората промоција е на албумот „The Essential Sunday Gloom“ на Taxi Consilium исто така издание на „ПМГ Џез“, кое беше прогласено за албум на месецот мај 2021 во џез категоријата, според водечката светска платформа за продажба на музика „Бендкемп“.
https://pmgjazz.bandcamp.com/album/the-essential-sunday-gloom
Тоа резултираше со извонредна продажба на албумот на светско ниво, што само го потврди неверојатниот развој на композиторската кариера на еден од нашите најдобри џез гитаристи, Филип Букршлиев. Опкружен со неверојатно квалитетна музичка екипа во бендот, тој успева да отслика една модерна, густа и содржајна атмосфера, небаре слушате некој од џез класиците. Компакт дискот ќе се продава по промотивна цена.
Вечерта во „Буква“, со свој винилен диџеј сет ќе ја надополни Игор Спироски, еден од најголемите џез ентузијасти во главниот град, а ќе му се придружат со свои винил сетови и Дарко Јорданов и Мирко Попов.
На 6 октомври, во 20 часот, во кино Фросина, МКЦ ќе биде заокружено второто издание на фестивалот со концерт на квартетот „Такси Конзилиум“ и настап на Дино Имери, еден од најдобрите надоаѓачки композитори и пијанисти на современа класична музика кај нас, кој ќе настапи соло на пијано.
„Крај Вардарот Џез“ е годишен фестивал на дискографската куќа ПМГ Џез. Овој фестивал е логична последица на работата на оваа издавачка куќа, која успеа за само 3 години да издаде 30 висококвалитени изданија да внесе раздвиженост на џез сцената и да потикне нов бран артисти.
Минатата година беше реализирано првото издание на фестивалот “Крај Вардарот Џез“, кое беше еден од најзабележителните и најквалитетни музички настани во земјата за 2020та. И покрај специфичните пандемиски услови, фестивалот остави силен впечаток кај публиката и критиката, но и аманет за продолжување на добрата работа.
Настаните ќе се одржат според актуелните владини мерки во услови на пандемија.