Октомври месец нѐ потсетува на уште еден херој и поет Ацо Караманов.
Роден е во Радовиш, на 31 јануари 1927 година починал во близина на Берово на 7 октомври 1944 година, на 17 возраст.
Македонски поет и учесник во НОБ.
Караманов е роден во Радовиш, како најстаро дете во семејството на Васил и Софија. Кога имал само три месеци, неговото семејство го напуштило родното место поради службата на таткото и отишле прво во Белград, потоа и во други места низ Србија, но во село Велико Орашје се задржале повеќе години. Таму, Ацо го завршил основното образование и благодарение на неговиот учител кај малиот Караманов рано се јавила љубовта кон книжевноста. Своите први стихови тој ги напишал уште во второ одделение, односно на 9-годишна возраст.
Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех. Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа кога татко му добил служба во Скопје, се преселиле во Македонија. При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.
Во 1941 се вклучил во СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции. Од првиот ден на окупацијата изразил спремност за борба против фашизмот. Како скоевец посетувал илегални состаноци на кои се проучувале материјали, за целите на народноослободителната борба на народите на Југославија. За време на одморите, меѓу часовите, јавно заземал негативен став према фашизмот. Развил активност за опфаќање нови симпатизери и активности за ослободителното движење. Особена активност пројавил во разобличувањето на фашистичките младински организации какви што биле: Браник, Легионер, Отец Паисиј и други. Кон крајот на мај 1944 година семејство се преселило во родниот Радовиш.
На 5 септември 1944 станал член на четвртиот баталјон на Четвртата македонска ударна бригада. При формирањето на Педесеттата македонска дивизија на НОВЈ, на 17 септември 1944 година во селото Митрашинци, бил прераспределен во нејзината Тринаесеттата македонска бригада каде партизанувал само 32 дена. Загинал на 7 октомври 1944 година во борбата против германските фашисти кај селото Смојмирово, Беровско. Бил тешко ранет кога извршувал извидничка акција и потоа ѕверски избоден со бајонети од германските војници, на денот кога го испејал и последниот стих „Ние и кога умираме треба да пееме“.
Творештво
Овој талентиран писател живеел само 17 години, но неговите хумани пораки запишани во стихотворбите остануваат да сведочат за творечкиот талент, за детската визија за поубавиот свет, за недосонуваното и недоживеано слободарско утро.
Во текот на својот живот Караманов не објавил ниту една поетска или прозна книга, но колку што сега е познато, од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, дневнични записи и епистоларија (писма и дописки). Меѓу зачуваните поетски творби се: “Приказна” (1943/1944), романот “Трупот со сини очи”, незавршениот роман “Човекот што испил арсеник”, дневник, есеи, осврти и писма.
Низа години по Втората светска војна за него се знаело само како за револуционерен поет кој пишувал естрадна лирика, верувајќи во создавањето на еден нов и поинаков свет. По заслуга на Милан Ѓурчинов и Радивое Пешиќ, негови школски другари, денес се достапни делата:
„Црвена пролет“, издадена во 1963, 1984 и 1989 година;
„Прозните записи“, издадена во 1981 година;
„Сребрените соништа“; и
„Големата песна на Ацо Караманов“, издадена во 2006 година.
Караманов покрај пишувањето исто така се занимавал и со цртање на карикатури.
Делото на Караманов е напишано на српскохрватски и на бугарски јазик. Според студија на проф. Александар Јорданов, поранешен амбасадор на Бугарија, во македонските архиви се чуваат непреведени бугарски текстови на поетот, посветени на национални херои од бугарската историја, како што се Васил Левски, Христо Ботев и слични.
Чествување
Ацо Караманов е личност чие име го носат една улица во Скопје и во Радовиш, детската градинка во Радовиш, општинската установа „Центар за култура – Радовиш“, еден фолклорен ансамбл (ФА „Ацо Караманов“).
Во негова чест, секоја година се одржуваат „Караманови средби“ кои ги поврзуваат поетите од сите балкански земји, па и пошироко.
“Поет”
Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.
Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
со пролет во душата
да пеам развиорен
со пушка в раце.
И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.
Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.
Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
цврст како челик…
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слбоден и силен и за борби жеден
буен,
бестрашен,
со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба.
Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.
И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
среде јаросен дим,
под јаркото сонце
ќе пеам
среќен!
И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцет
о денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
а рацете – меч.