Признато му е авторското право на францускиот композитор Пјер Дегејтер на музиката за пролетерската химна „Интернационала“. Дегејтер уште во 1888 година напиша музика за текст на пролетерскиот поет Ежен Потје и таа првпат беше изведена истата година спроти празникот на здруженијата на француските социјалистички новинари.
При првото изведување случајно е изоставено името на композиторот, па Дегејтер подоцна со години залудно го докажуваше своето авторство.
Интернационалата (L’Internationale на француски) е најпозната работничка химна, која како своја ја прифаќаат социјалистите, комунистите и социјалните анархисти. Оригиналните француски стихови ги има напишано Ежен Потје во 1870 година. На почетокот Интернационалата се пееше на музика од Марселезата, но од 1888 година се пее на музика компонирана од Пјер Дегејтер.
Обично Интернационалата се третира како комунистичка химна, иако таа не е химна само на комунистите. Ваквата поврзаност во голема мера се должи на фактот дека по доаѓањето на комунистите по Октомвриската револуција од 1917 година на власт во Русија, Интернационалата беше прогласена за национална химна на Советскиот Сојуз. Така беше до 1944 година, кога Интернационалата престана да биде национална химна на СССР и стана партиска химна на Комунистичката партија на СССР.
Интернационалата е препеана на многу светски јазици, при што на некои јазици постојат повеќе нејзини препеви. Помеѓу различните препеви на Интернационалата постојат значителни разлики во текстот.
Автор на македонскиот препев на Интернационалата е Славко Јаневски, кој препевот на македонски јазик го направи врз основа на препевот на српскохрватски јазик.
Текстот на македонскиот препев на Интернационалата е следниов:
- На нозе презрени и гладни!
- На нозе робје од цел свет!
- Со сила урни сила долу,
- В прав нека падне врагот клет.
- Стројот стар се урнува, паѓа,
- На нозе, робје, дигај се!
- Се менува цел свет од темел,
- Кој беше ништо тој ќе е сè!
- Тоа ќе е последен
- И одлучен, тежок бој,
- Со Интернационала
- Во нов и светол строј!