Во Скопје, на 3 јануари 1945 година, започнало да излегува првото детско списание на македонски јазик во Македонија, „Пионер“. Неговите први уредници биле писателот Славко Јаневски и професорот Јонче Јосифовски. Песничката ,,Прваче” на Ванчо Николески била објавена во првиот број на ова списание за деца.
Подоцна Славко Јаневски а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се: списанието за деца „Титовче“, списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работел како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.
За Славко Јаневски, јануари е месоцот кога е роден во 11-от ден 1920-та година а починал на 20 јануари 2000-та. Тој е истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.
Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски бил одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која била пуштена со работа во 2013 година.
Во 2013 година, Комисијата за лустрација на Македонија објавила дека дошла до заклучок дека Славко Јаневски бил соработник на југословенските тајни служби. Ова резултирало со остри реакции и неприфаќање на одлуката од страна на МАНУ, ДПМ, и пошироката македонска јавност.
Советот на Град Скопје, 2020 година ја прогласи за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.