Св. Маченица Татјана е Римјанка, од угледни родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата. По смртта на царот Хелиогабал, во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата, заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуа на Аполон, на Авраам и на Орфеј.
Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Кога ја изведоа девицата Татјана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели. Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени. Светата Татјана продолжиле да ја мачат: ја биеле, ѝ отсекувале месо, ја стружеле со железо и целата накажана и ранета ја фрлиле вечерта во затворот за утредента повторно да ја стават на маки. Но, Бог ги испратил Своите ангели во затворот, за да ја охрабрат и да ѝ ги исцелат раните, па Татјана изутрината се јавила пред мачителите наполно здрава.
Ја фрлиле пред лавови, но лавовите и се умилкувале околу неа и воопшто не ѝ наштетиле. Ѝ ја отсекле косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум, дека во косата ѝ е скриена некоја магија или волшебна сила.
Најпосле ја изведоа заедно со татко ѝ и обајцата ги убиле со меч. Така, во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а со мажествен дух.