Токиското небесно дрво (јап. 東京スカイツリー,трскр, токјо сукај цури; Tokyo Sky Tree) е кула за радиодифузија, угостителство и набљудување во општината Сумида во Токио, Јапонија. Во 2010 станала највисоката градба во земјата, а во март 2011 ја достигнала полната висина од 634 м. Со ова кулата е втора градба по висина во светот по Бурџ Калифа во Дубаи . Целиот проект е завршен на 29 февруари 2012 , а отворена за јавноста е на 22 мај 2012.
Нарачатели на проектот се железницата Тобу и група од шест емитувачи, на чело со државната радиотелевизија NHK. Кулата стои во средиштето на нов голем деловен реон на подеднакво растојание од железничките станици Нарихирабаши и Ошиаге, 7 км североисточно од Токиската станица. Главна цел на кулата е предавање на телевизиски и радио сигнали од достатна височина. Постоечката Токиска кула со своите 333 м повеќе не овозможува целосна покриеност бидејќи е опкружена со голем број на висококатници.