20 јануари 2003 – Починал Паскал Сотировски, познат македонски астрофизичар

Паскал Сотировски  роден во Врбен, Гостиварско на 23 ноември 1927 а починал во  Париз, Франција, 20 јануари 2003-та година, е познат македонски астрофизичар на светско ниво.

Образованието го започнал во 1950, кога се запишал како редовен студент по физика на Филозофскиот факултет во Скопје, а по дипломирањето во 1956 работел како професор по физика во гимназијата Јосип Броз Тито.

Во 1960-та година бил  назначен за асистент по астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1961 бил испратен на усовршување по астрофизика на универзитетот Сорбона во Париз. Таму, тој дипломирал астрофизика во 1964 а во 1971 докторирал со најдобра оценка на тема од областа на физиката на Сонцето.

Своето истражување главно го насочил кон проучувањето на Сончевото зрачење, спектроскопијата на Сончевите дамки и Сончевите ерупции, како и влијанието на Сонцето врз Земјата и испуштањето на неутрино. Објавил таблици на спектрите од двоатомски молекули присутни на Сончевата површина. Особен интерес имал за рудникот Алшар. Во рамки на неговите истражувања на Сончевото јадро и неутриното, односно честичката без маса и полнеж која не Земјата доаѓа со брзина на светлината и за чие движење нема пречка, тој сметал дека е потребна ретката талиумова руда лорандит којашто е застапена во рудникот.

Во 1990 основал фондација која го носи неговото име и има за цел поддршка на талентираните млади умови од Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.