Целта на весникот била обелоденета уште во првиот напис, во првиот отпечатен број на весникот. Насловот на статијата гласи „Реформирана Македонија“ и во неа редакцијата на весникот ги дефинира своите цели и задачи како и основната идеја на уредништвото за афирмација на историското минато на Македонија, за желбата за прикажување на различните перцепции на тоа минато и, секако, желбата да се изврши што поголемо влијание врз француското јавно мислење и пошироко.
Во содржината на оваа книга се презентирани оние статии и написи од весникот кои се директно поврзани со непосредната ситуација во Македонија, така што во фокусот е ставена тогашната актуелна општествено-политичка ситуација во и околу Македонија.
Притоа редакцијата на весникот будно и континуирано следи неколку области, како што се: политиката и позицијата на највлијателните западни држави во однос на Македонското прашање, политиката на соседните балкански држави спрема Македонија, потоа внатрешната политичка ситуација во Македонија, во смисла на односот на османлиската власт спрема актуелните внатрешни меѓуетнички и меѓуверски односи на различните заедници како и судирите, разбојништвата и зулумите што се случувале меѓу вооружените чети на соседните балкански држави.
Последниот број на весникот излегол на 20 декември 1906 година, а за прекинувањето на излегувањето на весникот редакцијата вели:
„Ние немавме намера да основаме весник што ќе излегува од печат долго време. Целта ни беше да пренесеме одредени вистини за кои совеста на Европа беше затворена. Тие вистини денес се познати и прифатени“.
И покрај тоа што периодот во кој излегувал бил многу краток, весникот „Македонија“ со својата содржина нуди извонредно богат материјал, во кој во текот на речиси две години се прикажувани актуелните и ралевантни ставови на највлијателните западни држави во однос на Македонија и Македонското прашање, како и политиката на соседните балкански држави кон Македонија, потоа се регистрирани безброј трагични настани и судбини на личности што ја отсликуваат положбата и ситуацијата во која се наоѓало македонското население и, конечно, содржината на весникот и неговата конципираност ги отсликуваат перцепциите и ставовите и на самата редакција на весникот.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.