17 јули 1986 – Од овој свет замина ненадминатиот бард на македонското глумиште-Ристо Шишков

Ристо Шишков е роден во 1940-та година, во селото Мрсна- Серско, Егејска Македонија. На две годишна возраст 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци од Егејска Македонија. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде  го поминал детството и се школувал. Татко му Васил и најстариот вујко биле  4 години затвор на Крит, во време на Граѓанската војна во Грција.

Во 1962 година дипломирал на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Во својата кариера играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма , пет телевизиски драми и три телевизиски серии, како и повеќе радиодрами. Добитник е на театарската награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“.

Во 1979 година, накодошен, бил обвинет од тогашните власти за навреда на ликот и делото на Јосип Броз -Тито и осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист и на 15 јануари 1980 бил однесен во затвор. Ги издржа неправдата што му ја нанесе тогашниот режим и затворскиот живот во Идризово, но немоќен остана пред болеста.

По излегувањето од затворот, по кратко боледување си замина од овој за него неправеден свет, на 17 јули 1986 година во Скопје, големиот артист, ненадминатиот бард на македонското глумиште Ристо Шишков. Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.