Димитар Кондовски (Прилеп, 30. IX 1927 – Скопје, 8. VIII 1993) – сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има особено значење за развитокот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал критика. Професор бил и на Педагошката академија во Скопје.
Самостојно излагал (од 1957 год.) во Скопје, Загреб, Рим, Прибој,Тетово,Њујорк итн. Излагал на многу групни изложби во земјата и во странство меѓу кои во: Белград, Александрија, Сан Марино, Сао Паоло,Рим,Шел,Париз,Кан,Сир-Мер итн.
Димитар Кондовски, најдоследно во своите дела го оствари стремежот кон синтезата на внимателно одбрани секвенци од духовно – естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност, што на тоа традиционалистичко ткиво можеа да му овозможат современа локовна кохезија. За Кондонски ова сликарство: изведено како сложени асамблажи композитни, деликатни колористични и формални структури е сублимен степен на долготрајна денатурализација на разновидни визуелни податоци и естетско “филтрирање” на ликовниот јазик, со цел уметничкото дело да стане автономен естетски феномен. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8 Медитеранско биенале 1963 год., 3 Триенале во Белград со Октомвриска награда за сликарство во 1964 година и други награди.
Галерика-Википедија Македонија